ДУИ: Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор

 

Парадоксално е што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека секојдневното практикување на владеењето на неговата влада е враќање назад во времето: кон дискриминацијата, мајоризацијата, исклучувањето и кршењето на правата на Албанците и другите заедници. Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада, реагираат од Демократската унија за интеграција по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и дека разумните политичари треба да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.

„Наместо да нѝ држи лекции околу тоа за што треба да зборуваме, премиерот треба да им објасни на граѓаните зошто: го укина на противуставен начин правичното и соодветно застапување како уставна вредност што произлегува од Охридскиот договор, мајоризацијата се врати во одлучувањето, дури и во Уставниот суд каде одлуките сега се усвојуваат со етничко надгласување, неговата партија предложи укинување на Законот за употреба на јазиците, а тој е најголемиот застапник на идејата за негово непочитување, во администрацијата Албанците се дискриминираат, албанскиот јазик се игнорира од институциите, албанската дијаспора е исклучена од процесите на одлучување и од финансиската поддршка од власта, вклучувајќи го и противуставното намалување на бројот на општински советници, развојните проекти во албанските општини се блокираат, а инвестициите ги заобиколуваат областите каде живеат Албанци, концептот на „српскиот свет“ е претворен во државна политика, потврдено и во последниот извештај на Европскиот парламент, ја блокира европската иднина, се избегнува ветинг, не ја поддржува иницијативата за истрага на секој функционер, се избегнува истрага за процесот на приватизација“, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Оттаму нагласуваат дека ДУИ зборува за иднината, за развојот, за меѓусебната почит, но оти нема иднина без правда и еднаквост.

„Оној што ги заборава неправдите од минатото, ги повторува во иднината. Ние нема да дозволиме неправдите од пред 2001 година да се повторат преку злоупотреба на власта и институциите, туку ќе инсистираме на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата и целосно почитување на Охридскиот договор, бидејќи тоа е темелот врз кој треба да се гради секоја политика, секоја инвестиција, секое училиште и секоја автопатска делница“,децидни се од ДУИ.

11.08.2025 - 14:26

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега