Дурловски: Нови предвремени избори ќе ја смират ситуацијата во државата
Нови предвремени избори се секако излез од кризата, тие ќе ја смират ситуацијата во Македонија, истакна во Вестите на Канал 5 еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски.
Посочи дека граѓанската иницијатива бара да се отфрли Тиранската платформа и апелираше за масовност на вечерашните протестни маршови низ државата.
– Би сакал да апелирам, да ги повикам сите граѓани кои што чувствуваат за сходно да дојдат, да ни се придружат, затоа што секој ден сме на улиците, веќе 32 дена по ред, апелира Дурловски.
Тој вели дека очекува оти претставниците на „За заедничка Македонија“ ќе бидат примени на средба со Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, кој за следната недела најави посета на Македонија.
-Како што и претходно побаравме средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, така ќе побараме и сега. Верувам дека ќе бидеме удостоени да бидеме примени од Туск, за да ги чуе мислењата на граѓаните. Верувам во тоа и се надевам дека ќе се оствари таква средба, потенцира Дурловски.
Истакна и дека на улиците ќе останат се додека не бидат исполнети барањата на иницијативата, додавајќи дека доколку не очекувале нивните барања да бидат исполнети, немало ниту да бидат на улиците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа