Земјоделците имаат уште една година за да ги легализираат објектите
Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски во рамките на денешната работна посета на општина Василево најави пролонгирање на законскиот рок за легализација на земјоделски објекти за уште една година.
- Со цел да им излеземе во пресрет на сите земјоделци и стопанственици, кои од една или друга причина во минатото изградиле бесправни објекти, Владата на предлог од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе измена во Законот за легализација на земјоделски објекти, штали и оранжерии и изврши пролонгирање на законскиот рок за уште една година. Во изминатиот период, според податоците од нашето Министерство, се поднесени вкупно 80 барања за легализација, од нив на 35 позитивно им е одговорено и сопствениците добија тапија за своите објекти, истакна заменик-министерот Коњановски.
Надлежната комисија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по летните одмори ќе излезе на терен и ќе ги разгледа останатите 45 барања за легализација.
ФОТО: Сител