Дневник: Ахмети најави „белгиско сценарио“

Али Ахмети нема брзо да пресече дали ќе прави влада со Зоран Заев и покрај оптимизмот и најавата на лидерот на СДСМ дека ќе му достави и писмени материјали за што поскоро да се формира влада. Во игра е белгиското сценарио (Белгија две години не можеше да формира влада), кое го спомена и самиот Ахмети, што значи дека ДУИ наскоро нема да донесе одлука и не се прецизира временскиот рок кога би можело тоа да се случи, пишува Дневник.

Потврда за ова стаса вчера и од еврокомесарот Јоханес Хан по маратонските средби со лидерите на парламентарните партии. Процената на Хан е дека ќе треба уште време за формирање влада и оти треба да се донесе квалитетна, а не брза одлука.

Впечаток е дека еврокомесарот по средбата со партиските лидери го промени својот став. Првичната изјава на Хан беше дека земјава нема време за чекање и оти е потребно што поскоро да се формира влада. По целодневните состаноци со партиските лидери еврокомесарот оцени дека е потребно уште време за нова влада.

– Очигледно ќе биде потребно уште време. Тие ќе продолжат со преговори и очекувам да донесат одлука во интерес на земјата, на граѓаните и на европската перспектива. Европската Унија ќе стори с` за да им помогне на земјата и на раководството на земјата. Станува збор за квалитет, а не за брзина. Тие треба да продолжат со преговорите, да ја демонстрираат нивната демократска зрелост, да имаат одлична програма, која ќе се базира на договорот од Пржино и посветеноста на европерспективите. Ако тоа се постигне, јас сум уверен во иднината на земјата, рече Хан

Од ДУИ не прецизираат што за македонски услови, временски би значело белгиското сценарио. Од партијата на Ахмети само велат дека нема одлука до кога да нема одлука. Дека ДУИ брзо нема да донесе одлука навести и лично Ахмети. Тој рече дека на земјата ~ треба решение, но не какво било, туку кое ќе произведе стабилност, ќе ги зајакне мирот, меѓуетничките односи и решение што нуди сигурни гаранции за соодветни реформи во земјава и функционирање на владеењето на правото, пишува Дневник.

Рокови за разговорите нема. Во Белгија консултациите траеја две години. Ние не сме Белгија и не велам дека ќе траат со години, не е ситуација што треба да биде без решение, но решението треба да биде вистинско. Со донесување избрзана одлука, не би ~ направиле услуга на Македонија. Секоја одлука треба да се анализира оти е од огромно значење за земјата – рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ побара од Заев писмена понуда, по што ќе свика седница на претседателството, која, како што потенцира, ќе биде подолга поради важноста на одлуката што треба да се донесе за земјата.

-Сакаме материјали написмено. Без тоа нема потписи од ДУИ – изјави Ахмети.

Претходно и партискиот портпарол Бујар Османи навести дека ДУИ може на консултации да потроши и цел мандат пред да се реши за една од петте опции што м се на маса.

Наспроти ова висок функционер на СДСМ за „Дневник“ вели дека брзаат и се надеваат оти до синоќа Ахмети ќе ја добие понудата на писмено. Ни од СДСМ ни од ДУИ не прецизираат дали пишаниот документ треба да биде гаранција за тоа што ќе содржи владината програма ако двете партии прават влада, односно дали Ахмети бара гаранции од Заев дека програмата на ДУИ и албанската платформа ќе бидат дел од владината програма.

– Се надевам дека до вечер ќе го имаат и пишаниот документ. По ова очекуваме Ахмети викендов или в понеделник да свика состанок на Централното претседателство на партијата и да донесат одлука – вели функционерот на СДСМ.

Според социјалдемократите, промената на изјавата на Хан дека е потребно уште време пред да се донесе одлука за нова влада, ја толкуваат во рамките на уставниот рок од 20 дена за формирање влада, откако Заев ќе го добие мандатот од Иванов. Ова, според СДСМ би значело дека до нова влада ќе се почека околу еден месец. Но, ако ДУИ и по добивањето на писмените гаранции тактизира со носењето на одлуката, ни СДСМ нема бесконечно да чека, туку ќе ја сменат стратегијата, не прецизирајќи што значи тоа.

Дека ДУИ тактизира и нема брзо да донесе одлука дали ќе прави влада со СДСМ, вчера навести и лидерот на ДПА во оставка, Мендух Тачи. Според него, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договорено сценарио.

– Ги знам играчите од искуство, можеби ќе погрешам, но убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат договор за влада, само н` малтретираат. Би било коректно да ни кажат каков е тој договор – рече Тачи.

Се шпекулира дека до локалните избори во мај не се очекува оти ДУИ ќе донесе одлука за која и да е од петте опции што се на маса во Централното претседателство.

 

 

 

 

11.02.2017 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега