Тодоров: Да нема притисок врз Управниот суд за тужбите

 

Тужбата на ВМРО-ДПМНЕ против решението на Државната изборна комисија (ДИК) за поништување на гласањето во едно избирачко место во Гостивар се заснова врз три правни основи, соопшти денеска членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров.

ВМРО-ДПМНЕ апелира да нема никаков притисок врз Управниот суд кој, како што рече, мора да одлучува исклучиво согласно законите.

- Секое поинакво постапување ќе значи фалсификување и крадење на волјата на мнозинството граѓани изразена на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември, рече тој посочувајќи дека не треба да се дозволи седум невини луѓе да завршат во затвор заради незаконска одлука на ДИК.

Според Тодоров, решението на ДИК за поништување на гласањето на едно избирачкото место во Гостивар само по себе е невиден преседан.

Тужбата, како што рече, е поднесена врз три правни основи:повреди од формално правен аспект на одредбите од Изборниот законик и подзаконските акти, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.

- Од формален аспект одлуката на ДИК е незаконска од следниве причини. Видно е од доставениот приговор усвоен од страна на ДИК дека тој е поднесен без потпис од страна на овластениот претставник на подносителот на приговорот со што се повредува член 147 став 3 точка два од Изборниот законик, рече Тодоров, посочувајќи дека дел од членовите на ДИК укажале на овој процедурален недостаток.

Одлуката, според Тодоров, е донесена и спротивно на член 148 став 3 од Изборниот законик бидејќи е донесена по истекот на рокот од 48 часа утврден во овој член. Согласно тоа, како што кажа Тодоров, ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе одлука односно ДИК не може да постапува и да одлучува по истекот на овој рок.

ДИК, според него, во постапувањето направила и повеќе процесни повреди на одредбите од Изборниот законик и Правилникот за начинот и  постапката за решавање по приговори.

- Изведен како доказ е сослушување на сведок односно на лицето Фатиме Сулејмани од Гостивар за што од страна на ДИК не беше воопшто дискутирано, ниту пак е донесена одлука за изведување на овој доказ согласно одредбите на Изборниот законик и Правилникот за преговори. Овој сведок беше донесен од овластениот претставник на Коалицијата предводена од СДСМ иако приговорот е поднесен од БЕСА кој не беше воопшто присутен во салата, рече Тодоров.

Претседателот на ДИК спротивно на Законот, според него, дозволи нејзино сослушување.

- На овој начин ДИК постапи спротивно член 35 од Правилникот каде е предвидено дека може да одлучат да сослушаат на јавна седница  подносител на приговор, истакна Тодоров.

Во однос на одлуката за графолошко вештачење, рече дека таа била донесена без притоа да биде издадена наредба за вештачење и без претходно да се определи начинот како ќе биде извршено ова вештачење.

- Оттука вештиот наод и мислење на вештото лице дадено во постапката и изведено како доказ во постапката на ДИК е во целост спорно и од формален и од материјален аспект, но и по однос на резултатите. Дополнително вештото лице согласно член 5 од Законот за вештачење воопшто не било законски овластено да врши вештачење, рече Тодоров, наведувајќи дека Законот таксативно наведува дека вештачење може да вршат само високообразовна установа, научна и стручна установа, трговец поединец вештак кој има вработено најмалку едно лице и најмалку две лица со лиценци. Лицето коешто го извршило вештачењето, според него, не спаѓа во ниту една од овие категории, туку е вработено во АД МЕПСО Скопје.

- Самото вештачење беше извршено во раните утрински часови без присуство на овластени претставници на политичките партии кои имаат правен интерес да присуствуваат на изведувањето на овој доказ со што дава сомнеж како за околностите под кое е извршено вештачењето, така и за начинот, рече Тодоров.

Сослушуваните членови на Избирачкиот одбор и претседателот на ОИК, како што рече тој, без исклучок, потврдиле дека во текот на денот на ова избирачко место во претпладневните часови гласањето се одвивало без никакви нерегуларности што, како што рекоа, може да се утврди и од записникот за гласање и сумирање и утврдување на резултатите.

- Од нивниот исказ јасно може да се утврди дека во попладневните часови кога на гласачкото место се јавила гласачката Фатиме Сулејмани, врз основа на проверка со УВ ламба од страна на член на избирачкиот одбор, констатирано било дека ова лице веќе го имало остварено своето избирачко право, бидејќи на палецот на десната рака имала траги од заштитниот спреј со кој задолжително се прска секој гласач. При ваквата констатација, која произлегува од сослушувањето на членовите на Избирачкиот одбор на ова гласачко место, јасно се поставува прашањето дали ова лице Фатиме Сулејмани веќе гласала на ова избирачко место, и го остварила своето гласачко право, како што тврди Избирачкиот одбор, како надлежен орган за спроведување на гласањето на конкретното избирачко место. Дотолку повеќе што овој доказ е во директна спротивност со претходно наведениот вешт наод и мислење изведен во текот на постапката, рече Тодоров. Потенцираше дека ДИК погрешно постапила кога поклонила верба само на вештиот наод и мислење, додека воопшто не им поклонила верба на исказите на членовите на Избирачкиот одбор на ова избирачко место во својство на сведоци, како надлежен орган за спроведување на изборите согласно член 17 од Изборниот законик.

Тодоров рече дека дури и да не можела да го оствари своето право на глас, Сулејмани можела и требало да поднесе приговор за заштита на личното избирачко право во рок од 24 часа веднаш откако таа констатирала дека не и е овозможено да гласа.

- Во тој случај ДИК, без одлагање ќе требаше да одлучи по приговорот на ова лице и доколку има услови, ќе и овозможеше да гласа. Со тужбата му укажуваме и на судот дека во постапката за заштита на избирачкото право во досегашната пракса имало вакви случаи кога по приговор на избирач за заштита на личното избирачко право, по интервенција на ДИК, на таквите избирачи им било овозможено да го остварат своето право на глас во текот на денот определен за гласање, рече Тодоров.

Според него, со членот 151 законодавецот инкриминирал гласање од страна на едно или повеќе лица кој/кои гласале за други (повеќе) лица.

- Од оваа одредба јасно произлегува дека за да постои основ за поништување на гласањето во избирачкото место, потребно е да било злоупотребено гласачкото право на повеќе лица од страна на едно или повеќе лица, а во конкретниот случај се работи за наводна злоупотреба на гласачкото право на само едно лице што не претставува основ за поништување на гласањето на целото избирачко место, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во прилог на тужбата до Управниот суд поднесени се докази за сите овие наводи, рече Тодоров. 

 
 
19.12.2016 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега