МВР преку тендер ќе набави нови сто возила
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија објави јавен повик за прибирање на понуди за набавка на нови сто моторни возила во полициска изведба.
При набавка на полициските возила, повторно единствен услов е цената на која отпаѓаат сите бодови, односно јавната набавка ќе му припадне на оној понудувач кој што ќе конкурира со најниска цена на електронската аукција која што ќе биде дополнително закажана.
Право да учествуваат на електронското наддавање ќе имаат сите понудувачи кои ги исполнуваат претходно предвидените услови за учество на тендерот. Плаќањето е предвидено да биде на 36 месечени рати во текот на важноста на договорот, при услови со 0% учество при купување на возилата. Првата рата на исплата на возилата ќе биде во рок од 30 дена од целосната испорака на возилата. Се бара рокот на испорака да биде не подолг од 90 дена од склучување на договорот, со место на испорака во Скопје во објект на МВР.
Исто така дел од условите, согласно спецификацијата, е и тригодишна бесплатна „шлеп“ служба во случај на дефект на возилата, на територијата на РМ, како и бесплатна техничка проверка на исправноста на возилата на секои 6 месеци, во овластен сервис/ сервиси на економскиот оператор. Покрај ова трошоците за одржување, за сервисирање и потрошен материјал (замена на масло и филтер за масло на секои 10.000 км, замена на филтер за воздух, филтер за гориво и други потребни филтри согласно упаствата од производителот, четири зимски/летни - во зависност од тоа со какви пневматици ќе биде испорачано возилото - пневматици индекс N, едно дополнување на клима уредот со средство за ладење,) за времетраење на договорот (36 месеци), се на товар на економските оператори – понудувачи.