Градските власти најавуваат паркинг револуција во Скопје

 

Пронаоѓањето слободно место за паркирање во центарот на метрополата што претставува главоболка за голем број возачи, наскоро ќе биде многу брзо и едноставно.

Благодарение на новата технологија, од следната година, информациите за слободно паркирање возачите ќе можат да ги најдат на дисплеите што ќе бидат поставени во центарот на градот, во близина на паркинзите и во катните гаражи, пишува Вечер.

Знаците ќе имаат задача да ги информираат возачите на кој паркинг простор колку слободни паркинг места има во реално време. Тоа ќе важи за паркинг простори каде влезот и излезот е контролиран со дигитална рампа како и за катните гаражи. Истите ќе се постават на крстосниците пред паркинг просторите со што возачите пред време би дознале на кое паркиралиште имаат слободно место за паркирање.

-Овој систем ќе се инсталира во централното градско подрачје и тоа во катните гаражи на „Градски паркинг” и Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, во затворените паркиралишта на „Градски паркинг” и на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и во останатите паркиралишта што се стопанисувани од останати субјекти, најавија градските власти на „Европската недела на мобилноста”, пренесува Вечер.

На промоцијата на проектот, истакнаа дека планираат да постават информативни знаци со променлива содржина, контролна соба која ќе добива информации од паркиралиштата и ќе ги дистрибуира до знаците за известување, како и софтвер што ќе овозможи прибирање, обработка и испраќање на информациите.

Овој проект подразбира поставување на сообраќајни знаци со називите на паркинг просторите и бројки со променлива содржина за слободните паркинг места на посочениот паркинг простор.

– Во првата фаза се превидува да се постават 12 столба на кои можат да се постават по максимум три сообраќајни знаци. Исто така во оваа фаза се предвидува да се опфати централното градско подрачје, но во иднина би се опфатило и поширокото градско подрачје. За преносот на податоците се предвидува контролна соба која ќе ги прима податоците од паркиралиштата и истите ке ги дистрибуира до сообраќајните знаци, појаснуваат од Град Скопје.

Целокупната постапка за реализација на овој проект ја спроведува Градот Скопје, кој подоцна ќе му биде предаден на ЈП „Градски паркинг. За реализација на овој проект од буџетот на Град Скопје се предвидени 12 милиони денари.

– Очекувањата од овој проект е да возачите добијат навремена информација за тоа на кој паркинг простор имаат слободно паркинг место со што би можеле однапред да го испланираат своето патување со што би се избегнале гужвите и застојот пред самите паркиралишта. Со проектот се предвидува и изработка на апликација преку која корисниците на паркинг просторите ќе можат да проверат состојбата на слободни паркинг места на паркиралиштата од своите компјутери или смарт телефони, информираат од Град Скопје, пишува Вечер.

Со воведување на паметен паркинг или систем за слободни паркинг-места, Скопје ќе се вброи во семејството на само неколку европски метрополи кои веќе го имаат имплементирано овој систем. Во Белград, на пример, 1000 паметни дисплеи профункционираа од април годинава.

 
 
07.11.2016 - 10:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега