Скопје нуди најевтина забава на Балканот

Кафето во Дубровник е 3,5 евра, во Сараево 1 евро, сок во Будва од 2 до 4 евра, во Скопје 1 евро.

Во екот на сезоната на годишни одмори, како и честите излегувања во кафулињата и рестораните, се забележува огромна разлика во висината на цената на едно просечно одење во град во градовите во Западен Балкан.

Резултатите на мини истражувањето кое го спроведоа новинари на агенцијата Анадолија е дека во земјите на регионот најскапо одење на кафе и сок е во Дубровник и Будва, а најевтино во Сараево, Скопје и Приштина.

Така во едно просечно кафуле во Сараево кафе може да испиете по цена од 0,75 до 1 евро, сок за 1,5 евра, минерална вода за 1 евро, пиво за 2 евра, додека топче сладолед може да добиете за 0,5 евра. Според тоа, за просечно излегување во Сараево треба да се издвојат од 2 до 5 евра.

Исто така, во кафулињата во Приштина со стандардни цени, кафето чини околу 1 евро, сок 1,5 евра, пиво 1,5 евра, минерална вода 0,5 евра и топче сладолед околу 0,5 евра. Според овие цени, за солидно излегување во Приштина за едно лице требаат исто така од 2 до 5 евра, за да помине убаво со друштво.

Исто така, во стандардно кафуле во Скопје кафето чини од 1 до 2 евра, сокот 1 евро, пивото до 2 евра, минерална вода 1 евро и топче сладолед 0,5 евра.

Од друга страна, од главните градови на регионот, најскапи просечни дневни излегувања се во Загреб и Белград. Во главниот град на Србија, кафето во стандардно кафуле чини од 1,5 до 3 евра, сокот до 3 евра, пивото од 1 до 2 евра, минералната вода 1 евро и топче сладолед од 0,5 до 1 евро. Според тоа за излегување со друштво во Белград на едно лице потребни му се од 6 до 8 евра.

Исто така, во просечно кафуле во Загреб кафето чини од 1,2 до 2 евра, сок 2 евра, минерална вода 1 евро, пиво од 1,5 до 2 евра и топче сладолед за 0,6 евра.

Цените растат во јужниот дел крај приморјето. Цените на хрватското и црногорското приморје се многу повисоки од цените на копно. По скапотијата посебно се издвојуваат Дубровник, Макарска и Будва, додека на босанскохерцеговското море во Неум, за едноставно излегување треба да се издвојат значително помалку пари.

За кафе и минерална вода во Дубровник треба да се издвојат по 3,5 евра, додека соковите се 4 или 5 евра. Пиво може да се купи за 5 или 6 евра.

Во Макарска цените се пониски од Дубровник. Во едно просечно кафуле или ресторан во Макарска кафето чини од 1,6 до 2 евра, сок 2,5 евра, пиво 2,7 до 3 евра, минерална вода 1,5 до 2 евра и топче сладолед околу 1 евро.

На црногорското приморје во Будва цените се поскапи од Макарска, но нешто поевтини од Дубровник. Во едно просечно кафуле во Будва кафето чини од 2 до 2,5 евра, сокот од 2 до 4 евра, минералната вода 2 евра, пиво од 3 до 5 евра и топче сладолед од 1 до 1,5 евра.

Значи, во Дубровник и Будва дневно излегување со друштво на кафе и сок е два пати поскапо од Сараево, Приштина и Скопје.

05.08.2013 - 11:07

најчитано сега