Каракамишева: Не може отфрлен закон веднаш да се врати во процедура

Во однос на барањето на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов повторно да бидат вратени барањата на СЈО во парламентот, Универзитетската професорка Татијана Каракамишева појаснува дека не може отфрлен закон веднаш да се врати во процедура, но и дека со вакви барања се создава впечаток дека во последно време се злоупотребува парламентарната демократија во Република Македонија.

„Собранието станува арена за бркање на теснопартиски интереси и политички поенти, наместо да се почитуваат законите и правата. Сè повеќе се оди на нова практика што ја наметнува опозицијата. Зошто вчера Трајанов не дојде на Собраниска седница и да го предложи она што сега го дава како предлог закон и на тој начин да издејствува овие закони да одат по редовна постапка? Индикативен е моментот што тој не се појави. Второ и уште пострашно е што тој не ги знае деловничките одредби“, истакна Каракамишева.

Таа додаде дека очигледно времето коешто му беше дадено на СЈО не му било доволно на ова обвинителство, за да го направи она што му е доделено како задача согласно законот.

„Очигледно на Специјалната јавна обвинителка не и беше доволно времето, па сега и е потребна нова временска рамка и дополнителни финансиски средства. Не е коректно да бараат проширување на својот мандат и да го кршат договорот од Пржино. Секое прекршување од една страна, ќе значи прекршување од втора, трета страна и тоа ќе оди до недоглед“, смета Каракамишева која истакна дека не се согласува со барањето за пролонгирање на рокот.

„После тоа може да следи уште едно пролонгирање, без притоа да видиме конкретни активности што би соодвестувале на тезата дека СЈО се бори за правично постапување, и тоа, не само кон функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот селективен пристап ја загрозува објективноста“, смета Каракамишева.

Во однос на  Законот за заштитени сведоци, универзитетската професорка додаде дека истиот не треба да биде усвоен, зашто актуелниот закон за кривична постапка што е разработен согласно Европските стандарди нуди реална заштита на сведоци. Како што рече, секое друго зголемување на надлежноста на СЈО е излегување надвор од она што го дозволува казнено-правниот систем.

 
 
05.10.2016 - 18:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега