Нова градинка по најсовремени стандарди за 120 дечиња во Ѓорче
Нова детска градинка со капацитет да згрижи 120 деца од предучилишна возраст беше отворена денеска во Општината Ѓорче Петров. Градинката „Кокиче“ е опремена по најсовремени стандарди и е клон на градинката Росица во оваа општина.
- Новите детски градинки значат дека во одредени места во нашата држава има зголемена популација деца, а оттаму и зголемена потреба за згрижување во предучилишни установи. Ние сме свесни дека голем број дечиња се на листи на чекање и оти дел од постоечките градинки се со недоволен капацитет да ги примат сите деца. Од тие причини Владата во изминатите неколку години спроведува акциски план за реконструкција и отворање нови детски градинки на територија на цела Македонија. Како дел од тој план беше и преадаптацијата и изградбата на новата градинка Кокиче која денеска ја отвораме, истакна премиерот Емил Димитриев.
Покрај оваа, рече, изминатите години Владата помогнала за изградба на градинката „Пампурче“ во Новоселски пат, а со општината работат и на проширување и преадаптација на градинката „Росица“ во училиштето „Мирче Ацев’ која наскоро ќе биде пуштена во употреба.
- Ова е трета градинка во општина Ѓорче Петров која заедно ја отвораме во изминатите години. Нов објект кој ќе згрижи околу 120 деца од општината и ќе се реши проблем на 120 родители. Овде децата ќе имаат нови модерни современи услови по сите стандарди за згрижување деца од предучилишна возраст, истакна на отворањето на градинката дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Отворањето на овие три нови градинки во Ѓорче Петров не е доволно, рече Спасов, додавајќи дека Владата и Министерството нема тука да застанат и оти ќе продолжат и натаму да инвестираат во изградба и опремување нови градиски објекти.
Изградбата на една од градинките, посочи тој, е во завршна фаза и набрзо треба да биде пуштена во употреба, а во 2017 година се планира да започне и изградба на детската градинка во Волково, кога, како што рече, треба да започне и новиот проект за изградба на 140 нови детски градински.
Проектот за изградба на 140 детски градинки во наредните четири години, како што истакна, целосно ќе го реши деценискиот проблем и запоставеноста во минатите години во деведесеттите години. Градинките ќе создадат нов капацитет за 18 илјади деца од предучилишна возраст и со тоа целосно ќе бидат намалени листите на чекање.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски информира дека новоизградената градинка „Кокиче“ е клон на градинката „Росица“.
Општината, рече тој, изнајде решение со промена и комплетна адаптација на дел неискористен простор во основното училиште „Ѓорче Петров“ да ја зголеми сигурноста, да го осовремени просторот за згрижување на децата, но и да го прошири и зголеми капацитетот за згрижување на деца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа