ВИДЕО: Фармерите ја поздравуваат мерката за набавка на високо приносен добиток

Фармерите ја поздравуваат мерката за набавка на високо приносен добиток, Богдан Стојановски, директор на краварската фарма „Голак“ од Делчево вели дека предностите се повеќекратни и дека со новите услови 80 – 20 во секој случај планираат дополнителна набавка и зголемување на стадото.

-Со новите услови што беа кажани, досега немавме намера искрено да кажам, но со овие услови 80 – 20 во секој случај планираме дополнителна набавка, зголемување на стадото, а мислам дека тоа е и добра мерка, не само за поединечните фарми туку и за секој поединечен земјоделец. Односот на средствата е исклучително поволен, единствено да се направат напори да се поедноставнат барањата и условите кои ги исполнуваат бидејќи за фирма и не е така тешко, бидејќи сме и екипирани и можеме да го сториме тоа, но секој поединечен земјоделец му е малку напорно да ги оствари сите предуслови за да ја искористи мерката, рече Стојановски.

Тој додава дека апсолутно ова е една исклучителна предност.

-Пред неполни два месеци беше болеста чвореста кожа, на овој регион однесе многу добиток, кај нас за среќа, поради добрите услови што ги имаме поставено, немаше појава на таква работа. Но во секој случај добар дел од индивидуалните земјоделци страдаа. Ова дава можност претпоставувам и за нив да го обноват сточниот фонд , бидејќи во обратен случај ќе се соочиме со недостаток на млеко на самиот терен.

На прашањето кои се разликите од старите сорти што се одгледувале некогаш и сега, односно која е предноста, Стојановски вели:

-Па самата количина на млеко која ја добиваме фактички укажува. 25 литри по грло добиток, порано беше мислена именка. Просекот беше помеѓу 5 и 10 литри максимум со исклучително добро одгледување и чување. Додека овде во принцип како еден шаблон кој доколку ги запазите сите други услови тогаш го имате и квалитетот. Добивате и квалитетно млеко, добивате навремено млеко. Ние во моментот имаме продукција повеќе од еден тон дневно. Имаме 70 крави од кои 45 се молзни, другите се стелни, имаме некаде околу 20 јуници, имаме над 40 телиња од кои машкиот дел се продава за оплеменување во регионот, а додека ѓенските се уште ги задржуваме за проширување на самата фарма.

Мерката за набавка на високоприносен добиток ја најави вчера заменик министерот Ванчо Костадиновски, кој истакна дека со измените на законот за земјоделство и рурален развој се очекува од 2017 година оваа поддршка да биде зголемена од 50 на 80 %, односно сточарите ќе добијат државна поддршка од 80 отсто за набавка за високо приносен добиток.

-Сите сточари ќе може да аплицираат за државна поддршка за набавка за високо приносен добиток. Ако сточарот треба да одвои 40.000 евра за набавка на 10 грла на добиток, 32.000 евра ќе  му бидат исплатени од страна на државата, од Централниот буџет преку програмата за рурален развој, рече Костадиновски.

Со високоприносниот добиток ќе се обезбеди подобар квалитет на производот,  млеко или месо,поголем период на лактација кај добитокот кој дава млеко и поголема месна маса кај добитокот кој е наменет за производство на месо, а со тоа ќе бидат поголеми и шанси за конкурентност на европскиот пазар.

Тој потенцираше дека сточарите покрај оваа мерка за набавка на високоприносен добиток ќе можат да ги користат и низата на мерки кои претходно беа воведени од страна на државата за поддршка на земјоделците, како на пример користењето на слободно државно земјоделско земјиште, а со тоа ќе се овозможат пониски трошоци во делот на одгледување на добиток.

Средствата ќе се спроведуваат како неповратна финансиска поддршка за набавка на високостелни педигрирани јуници (со исклучок на јуници од расата буша), педигрирани машки и женски приплодни грла овци, педигрирани машки и женски приплодни грла кози и педигрирани свињи (нерези и назимки)- оригинали или хибриди.

Набавката на грлата ќе се врши од признати организации на производители. Право на користење на мерката ќе имаат одгледувачи на добиток кои се запишани во Единствениот регистер на земјоделски стопанства.  Предвидениот износ на средства за реализација на оваа мерка на годишно ниво ќе изнесува 2 милиони евра.

 

Владината мерката за поддршка од 80 отсто за набавка за високо приносен добиток не се однесува само на набавка на високоприносни крави , туку и за набавка на високо приносни кози, овци и свињи. А високо приносниот добиток од високопризнаени раси ќе значи и зголемени приходи на земјоделците.

 
 
14.09.2016 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега