Министерот Спасов се сретна со битолскиот градоначалник

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска беше во работна посета на општина Битола.

При својата посета министерот Спасов се сретна со градоначалникот на Битола, Владимир Талески при што била договорена динамиката на активности за реализација на акцијата „Се грижиме за топол дом“, како и за завршување на проектите и посебно изградбата на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола.

- Проектот „Се грижиме за топол дом“ ќе го реализираме во соработка со сите општини и затоа ги поканувам битолчани да се вклучат во овој проект, односно сите што имаат вишок апарати за домаќинство, мебел и друга покуќнина да ја донираат бидејќи ќе биде наменета за граѓаните кои имаат потреба за ваква донација. Акцијата ќе биде континуирана, со цел да им се помогне на семејствата што се во социјален ризик, посочи министерот Спасов на прес - конференција.

- Општина Битола 100 процентно ќе се вклучи во акцијата „Се грижиме за топол дом“ која е прецизно организирана и со јасни надлежности на општината. Често се случува визбите на граѓаните да бидат преполнети со работи од кои тешко се откажуваат како што се на пример одредена облека, мебел и друга покуќнина. За жал тоа често завршува на депонија, но за да тоа не се случува ние ќе помогнеме и ќе се организираме тие ствари да стигнат до граѓаните на кои им се потребни. Затоа ќе помогнеме за пренос и транспорт на сите предмети, што значи создаваме услови за подобар живот и на една категорија на луѓе како што секое општество ги има, а на кои треба да им помогнеме, посочи Талески.

За време на престојот во Битола министерот за труд и социјална политика Спасов во придружба на градоначалникот Талески ги посети дневниот Центар за деца од улица,  Центарот за лица со посебни потреби, Домот за доенчиња и мали деца, како и Домот за стари лица „Сју Рајдер“ кој е во изградба и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.

ФОТО: Влада

најчитано сега