Прв состанок на работната група за Избирачкиот список

Во  Државната изборна комисија (ДИК) денеска се одржа првиот состанок на Работната група за Избирачки список на кој присуствуваат претставници на институциите, на политичките партии, на амбасадите на САД и на ЕУ, на ОБСЕ, на ИФЕС и на невладини организации.

- Државната изборна комисија има за цел да се направи едно пошироко тело, кое ќе има увид во работата. Отворени сме сите забелешки по основ на кондицијата во која е избирачкиот список сериозно да ја разгледаме и серозно ќе пристапиме кон сите забелешки кои ги имаат претставниците од политичките партии, изјави претседателот на работната група Атанас Урумов.

Дамјан Манчевски од СДСМ истакна дека на денешниот работен состанок на работната група се договорени неколку конкретни работи за, како што рече, конечно да се обиде ДИК да најде сили во себе да го почитува законот.

- Тоа значи до крај да се проверат сите оние луѓе кои согласно законот не треба да бидат на избирачкиот список и само согласно законот  треба да се стават во посебниот извод на Избирачкиот список, истакна Манчевски.

Субхи Јакупи, член на Државната изборна комисија, оцени дека се враќа веродостојноста и кредибилноста на Избирачкиот список.

Од политичките партии  на состанокот присуствуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби од ДУИ, Дамјан Манчевски и Цветанка Иванова од СДСМ и Беким Фазлиу од ДПА. 

На средбата присуствуваа и претставници од министерствата за правда, за внатрешни работи и за надворешни работи, Државниот завод за статистика, Управата за водење матични книги, Секретаријатот за европски прашања и Дирекцијата за заштита на лични податоци, од амбасадата на САД, на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ, ИФЕС, како и невладините МОСТ и ЦИВИЛ.

 
 
23.06.2016 - 18:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега