Попладнево ќе се гласа за предлогот за импичмент на Иванов

Во Собранието на Македонија попладнево треба да се гласа по Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, поднесен од опозицијата, откако ќе завршат со реплики уште девет пријавени пратеници.

Во рамки на 105-тата седница, која трае веќе пет дена, пратениците расправаа за одговорноста на Иванов за одлуката за аболиција и за подоцнежното повлекување.

Пратениците од СДСМ и ДУИ сметаат дека претседателот мора да сноси одговорност за помилувањето и треба да биде отповикан, додека пак пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека иницијативата на опозицијата е несонована.

Стефан Богоев од СДСМ ги повика пратениците да гласаат за одговорност на Иванов бидејќи, како што рече на Македонија и треба претседател со кој ќе се гордееме и кој ќе ги штити Уставот и законите... 

Пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ му рече на Богоев дека бил лошо воспитан и ги идеализирал лидерите на СДСМ.

Неговиот сопартиец Андон Чибишев додаде дека пратениците од опозицијата продолжуваат со говорот на омраза, непочитувајќи го кодексот на одговорност.

Според Ибрахим Енес од Партијата за движење на Турците, претседателот Иванов со своите непромислени потези работи против државата и интересите на турската заедница во Македонија.

Претходно, собраниската Комисија за  оценување на оправданоста за покренување одговорност на претседателот го оцени Предлогот како неоснован. За да помине на пленарна седница Предлогот треба да го поддржат 82 пратеници, а доколку Собранието го изгласа Предлогот за импичмент на претседателот ќе треба да се произнесе и Уставниот суд на РМ.

 
 
21.06.2016 - 14:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега