„Скопје се сеќава“ - 50 години од катастрофалниот земјотрес
Скопје ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
На денот на земјотресот, 26 јули одбележувањето ќе почне во 10 часот со положување цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Потоа ќе следи традиционална крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје.
Официјалната програма за 26 јули ќе почне во 19 часот со поетско читање „За Скопје со љубов“ пред Музејот на Град Скопје. Во просториите на Музејот, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „26 јули 1963“, а Град Скопје на сите земји кои по големата катастрофа ја покажаа својата солидарност и испратија помош ќе им додели благодарници.
На плоштадот „Македонија“ во 21:30 часот ќе почне мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“, а Македонската филхармонија, актери и членови на Македонската опера и балет преку перформанси ќе пренесат приказни за љубовта, храброста и солидарноста – приказни од скопскиот земјотрес.
Ќе има и кино на отворено, меѓународна патувачка изложба „Show your hope“, 24-часовен филмски маратон со бесплатни филмски проекции на светски мегахитови,...
На одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес во Скопје се очекува да пристигнат повеќе градоначалници и претставници од Љубљана, Загреб, Софија, Тирана, Дрезден, Нирнберг, Нанчанг...
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 50 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИС) Михаил Гаревски вели дека Скопје е град кој е подложен на земјотреси.
- Силни земјотреси се случуваат на секои 300 до 500 години, но тоа не ни гарантира дека не би можел да се случи и утре или наредната година. Со сигурност може да се каже дека повторно ќе има силен земјотрес, но веројатноста дека тоа ќе се случи во блиска иднина не е толку голема, посочува Гаревски.
Тој смета дека скопјани не треба да се плашат бидејќи после земјотресот од 1963 година се градат асеизмички објекти.
- Генерално во Скопје, се гради добро бидејќи постои традиција после 1963 година. Проблем претставуваат само заградите што се доградуваат и надградуваат, особено оние со носечки ѕидови што се изградени пред земјотресот, бидејќи за нив е најтешко да се направи статиката, нагласува Гаревски.
Пред земјотресот, додава, немало прописи за сеизмичка градба и затоа ризикот е најголем кога се надградуваат тие објекти.
- Мислам дека во Законот за градење недостасува член со кој би се забранила надградба на објектите изградени пред земјотресот. Јас се залагам да се забрани секаква надградба без да се докажува дали објектот е добар. Подобро е да се урне стариот објект и да се изгради нов, отколку да се надгради, потенцира Гаревски.
Според него, целата територија на Македонија е сеизмички активна и единствена превенција од земјотрес е сигурната градба на станбените објекти. Како исклучително сеизмички ризични градови во Македонија ги посочува Скопје, Битола, Охрид, Пехчево и Берово.
- По земјотресот практично не постои објект за кој не се земени предвид сеизмичките сили. Пред земјотресот тоа не се бараше, туку се земаа предвид само силите од ветерот. Сега пи проектирањето се прават статичка и сеизмичка пресметка. Можеме да проектираме 100 отсто сеизмички згради. Тоа значи дека кај мали земјотреси зградата не треба да има скоро никакви оштетувања, а за големи, како скопскиот, може да има конструктивни оштетувања, но зградата нема да падне, појаснува Гаревски.
Зградите, нагласува, паѓаат како резултат на лошо проектирање и поради лошата изведба.
- Кај нас најголемиот број згради се со голем квалитет. Факт е дека до 90-тите години од минатиот век контролата беше поголема. Рредовно се правеа ревизии и динамички анализи. Населбите Аеродром, Капиштец и други беа контролирани од ИЗИС. Од 1990 година наваму се случува понекогаш да не се води сметка. Постои некој многу мал број објекти кои не се добри, посочува Гаревски.
На почетокот на месецов Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија симулираше вештачки земјотрес од 5,5 степени според Европската сеизмичка скала врз десеткатница во Ново Лисиче изведена од Адора Инженеринг. Потегот организиран во пресрет на одбележувањето на 50 годишнината од скопскиот земјотрес го поздрави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
МИА
ФОТО: Ерепортер