Граѓаните кои имаат сведоштва и докази за работењето на „Пулс“ да ги споделат со истрагата, повика Обвинителството
Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата. Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: istragakochani@jorm.mk
Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим.
Обвинителството информираше и дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс” продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа