Пунктови низ Скопје за бесплатни прегледи и совети за заштита од топлото време

Денеска ќе бидат поставени бесплатни превентивни пунктои на повеќе локации низ Скопје во пресрет на најавите за топлотен бран. Ваквата акција ќе биде спроведена од страна на Министерството за здраство во соработка со Здраствениот дом. Пунктовите ќе работат во периодот од 18 до 21 часот. Пункт ќе биде поставен во Градскиот парк а по два ќе ротираат во општините. Граѓаните ќе можат бесплатно да примат совети за како да се заштитат од топлото време и ќе можат да го измерат крвниот притисок. 

Ќе се делат и брошури со препораки за заштита од топлотен бран.

- Досегашното искуство од оваа акција покажа исклучително позитивни резултати. Минатата година во текот на летниот период само во Скопје помош побарале околу 10 илјади граѓани. Дел од нив биле препратени на матичен лекар, а двајца како итни случаи се пренесени во Градската општина болница „8 Септември“, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Според директорката на Здравствениот дом во Скопје, Тања Баевска-Вучковиќ, како резултат на успешната акција спроведена минатата година, повиците кон Итната медицинска помош за првпат лани биле во референтните вредности на обем на работа.

Од Министерството препорачуваат да не се излегува надвор во временскиот интервал од 11 до 17 часот, носење на светла и лесна облека и конзумирање на многу течности, а хронично болните да ја земаат неопходната терапија.

Од УХРМ најавуваат дека од утре ќе почнат да растат дневните температури, а од понеделник се очекуваат температури од 40 степени.

ФОТО: Нова Македонија

најчитано сега