Мелони: Италија работи на организирање состанок ЕУ-САД во Рим
Италија работи на зближување на Европа и САД со цел зајакнување на Западот како цивилизација, не само како географска област или збир на заеднички интереси, и постои можност за средба меѓу двете страни во Рим, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Во интервју за „Кориере дела Сера“, таа истакна дека „можноста за средба меѓу Европа и САД се приближува“ и дека е неопходен политички договор меѓу двете страни.
Мелони рече дека сè уште не е одреден датумот за евентуална средба, но дека, како што истакна, ќе може да „привлече дел од заслугите“ за одржувањето на самитот дури и ако не се одржи во Рим.
Италијанската премиерка додаде дека земјата не е „проамериканска“, туку дека е „дел од Западот“, поради што е „природно“ италијанските бизнисмени да соработуваат со САД и дека партнерството со Вашингтон не треба да зависи од владата.
-Не мислам дека нашите фундаментални сојузи со партнерските земји се менуваат врз основа на тоа кој ќе победи на изборите. Очигледно левицата го прави тоа. И на крајот, тоа не ме изненадува: за нас, националниот интерес е на прво место, за другите, преовладува идеолошката припадност, рече Мелони.
Зборувајќи за Украина, Мелони рече дека Италија го поддржувала Киев од самиот почеток, но сега се согласува со предлогот на Трамп за прекин на огнот, кој, како што изјави, бара „цврсти безбедносни гаранции“.
Таа го поздрави прифаќањето од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски на предлогот за безусловно прекин на огнот, нарекувајќи го тридневното примирје објавено од рускиот претседател Владимир Путин за Денот на победата „недоволно“.
-Тридневното примирје што Путин го објави на годишнината од победата во Втората светска војна е нешто различно и дефинитивно недоволно. А мирот мора да биде праведен и траен. Што значи, пред сè, цврсти безбедносни гаранции, рече Мелони.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа