Изградба на експресните патишта во втората половина од годинава
Владата, покрај изградбата на автопатот Миладиновци-Штип истовремено работи и на уште два автопата, Демир Капија – Смоквица и Кичево – Охрид, но почна и реконструкцијата на две автопатски делници, Смоквица – Гевгелија и Куманово – Миладиновци.
– Ова е историски важен момент за државата и за развојот на нејзината економија зашто првпат паралелно се работи на вкупно 165 километри делници, дел се во градба, а дел се реконструираат, што е инвестиција вредна 800 милиони евра. Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, подвлече премиерот Емил Димитриев кој денес заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски изврши увид во градежните работи на автопатот Миладиновци-Штип.
И Мисајловски потенцира дека првпат во историјата на Македонија се градат три автопати.
– Динамиката се одвива според планираното. Можно е да се случат и некои непредвидени работи, но цврсто сум убеден и верувам дека следната година ќе имаме нов, модерен автопат што македонските граѓани го заслужуваат, нагласи Мисајловски.
Тој најави дека во втората половина од годинава ќе почне и изградбата на експресните патишта Штип – Кочани, Кочани – Делчево, Штип – Радовиш и Крива Паланка – Ранковце, инвестиција вредна 300 милиони евра. Почнат е, додаде, уште еден проект, реконструкција на патниот правец Кочани – Делчево, вреден 6,6 милиони евра.
– Максимално сме фокусирани на сите овие проекти. Очекувам веднаш по завршувањето на целата документација и останатите пропратни активности, следната година да почнеме и со конкретните работи на терен, посочи министерот.
Владата, истакна Мисајловски, и натаму останува посветена на изградба на инфраструктурата поради што, како што рече, освен на трите автопати и предвидените два нови проекта, паралелно работи на уште регионални патишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа