ВИДЕО: Каде се раѓаат човековите права

 

Секое човечко суштество природно ги познава човековите права – сите ние знаеме кога е

присутна неправдата, како и дека правдата е крајниот израз на човековите права.  

Во секојдневието спонтано сите ние некако избегнуваме понижување, мислиме дека не дискриминираме, не маргинализираме, државите презема акции кои навидум изгледаат дека водат до рајот, секако под плаштот на човековите права.

А во исто време, како да имаме паралелен свет, илјадници лица со хендикеп живеат во невидливото ропство, илјадници лица гладуваат, голем број на деца немаат свој пристоен дом ....

Како во некој замислен свет каде сите движат по некоја инерција, театар каде секој глуми некоја своја улога, на борец, жртвеник, експерт, политичар, херој или плашило, без при тоа да ја земе одговорноста која ја носи пред се кон самиот себе, кон своето семејство, кон својот пријател па дури кон својата држава.

Овој трагикомичен театар и круг може да се прекине само доколку луѓето научат да му веруваат и да го почитуваат другиот, по пат на интеграција, социјализација на човековите права, како начин на живеење, како принципи на делување и преземање на акции, како рамка за распределба на буџетите.  Рамка, која доколку ја пoзнаваме и се повикуваме на неа, може да биде водечка насока за трасирање на нашата иднина.

Таа претставува важен критички систем за поддршка и моќно средство за активно дејствување против сегашната дискриминација,  општествена дезинтеграција, сиромаштија и нетолеранција коишто владеат.

Човековите права всушност се еднаквоста и недискриминацијата. Тоа е начинот на кој инстинктивно очекуваш и заслужуваш да се однесуваат со тебе како личност - како правото на слободен живот, на искажување на мислење и правото кон тебе да се однесуваат како кон рамноправен.

 

Денеска живееме во свет каде што правдата е неправда и каде што на пример лицата со хендикеп се далеку од својата рамноправност, еднакви можности и достоинствен живот, децата, жените, лицата од помалите етнички заедници родителите на децата со хендикеп, се откажуваат од својата рамноправност за да опстанат во својата заедница, водена од наметнатите правила на државата.

За жал, милиони луѓе се раѓаат и умираат и нема да знаат дека имаат човекови права, па затоа не се во можност да им се обратат на своите влади и институции за да ги исполнат своите обврски, како лидери кои прифатиле да создадат поубав свет за живеење за своите граѓани.

 

Затоа и предлагаме да го погледнете овој филм „ Приказна за човековите права„ изработен од United for Human Rights., преведен на Македонски јазик од Полио Плус движење против хендикеп.

 

Филм, кој ќе ве врати малку низ историскиот канал, на почетокот и во сегашноста, кога луѓето со крв и пот се бореле да ги остварат човековите права. Кога луѓето и покрај политичките декларации, тапшања, стоеле гордо и достоинствено продолжувале да се борат против социјалната неправда, против дискриминацијата, маргинализацијата и невидливото ропство.

 

Филм кој ќе ве потсети на пораката на Е. Рузвелт, дека човековите права во основа

 „се  изборите кои ги правиме секојдневно како човечки суштества. „Тоа се местата каде што секој маж, жена и дете бара еднаква правда, еднакви можности, еднакво достоинство без дискриминација. И ако овие права немаат значење таму, тогаш немаат никаде.“

 

Полио Плус

движење против хендикеп

  

Филмот е дел од проектот „Од пракса до норма„ поддржан од PROGRESS програмата (2007 – 2013) на европска унија а имплементиран од Полио Плус, МТСП, Комисијата за заштита од дискриминација и Македонскиот Центар за меѓународна соработка.

 

 

најчитано сега