ФОТО: Македонец стана важен играч во кампањата на Камала Харис

Филип Јотевски, македонски Американец од првата генерација роден во Колумбус, Охајо, е именуван од кампањата на потпретседателката Камала Харис за вмрежување на дијаспората и еничките заедници. Неговото потекло е од Битола.

Јотевски живее во Вашингтон, каде што работи во надворешната политика за Владата на САД. Јотевски е вклучен во мрежата на Демократската партија. Тој претходно беше консултант и работеше во кампањата на Демократскиот национален комитет и на Бајден за претседател. Пред десетина години Јотевски ја започна работата во полето на меѓународните односи во Обединетата македонска дијаспора, пренесува nezavise.mk.

Именувањето на Јотевски е дел од напорите на Камала Харис да се приближи кон припадниците на етничките заедници, особено во клучните држави на бојното поле, во таканаречениот „Појас на ‘рѓата“. Клучот кој може да ѝ ја донесе победата на Харис во електорски гласови се наоѓа пред сѐ во државите Мичиген, Пенсилванија и Висконсин, каде што живеат огромен број полски Американци, кои се доселувале таму повеќе од сто години. Според Асошиетед прес во Мичиген живеат 784.000 полски Американци, во Пенсилванија 758.000 и во Висконсин 481.000. Камала Харис ги посети трите држави изминатата недела.

Полските Американци се познати како променливи гласачи, кои не се врзуваат стриктно за една партија, но по инвазијата на Русија на Украина тие како да ја насочуваат својата наклоност кон демократскиот билет.

Харис се надева дека ќе го искористи историскиот анимозитет на полските Американци кон Русија и кога за време на телевизиската дебата Доналд Трамп двапати одби да каже дали сака Украина да победи во војната против Русија.

24.09.2024 - 17:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега