Македонска предизборна кампања без плакати и митинзи
Стартуваше предизборната кампања за изборите закажани за 5 јуни. Согласно роковникот на ДИК, кампањата ќе трае се до 4 јуни кога треба да почне изборниот молк.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија ќе бидат единствениот избор на гласачкото ливче. Од таму за Сител велат дека со оглед на ситуацијата нема да водат класична предизборна кампањата. Додаваат дека ќе изостане традиционалниот старт со голем предизборен митинг во Охрид и дека ќе се оди на директна комуникација со граѓаните.
Партијата СДПМ се откажа од изборната трка поради како што ја известиле ДИК, силен притисок од меѓународниот фактор.
Народното движење за Македонија кое исто така поднесе кандидатски листи не доби можност да влезе во изборната трка поради некомплетна документација. Партискиот лидер вели дека неговите листи се колатерална штета.
Од мисијата на Европската унија во Скопје велат дека тешко е да се верува дека меѓународниот фактор ќе ги признае изборите на кои учествува само една партија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во изјава за Франс прес рече дека не постојат уставни можности да се одложат изборите. Тој додаде дека неговата партија сака заслужена победа и затоа е подготвен по изборите на 5 јуни да се организираат нови избори на кои ќе учествуваат сите политички субјекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа