Жидас Даскаловски: Потребен е брз и одлучен консензус на елитите

Универзитетскиот професор и политички аналитичар, Жидас Даскаловски во интервју за Прес24 оценува дека Македонија се наоѓа во многу по ризична и ситуација, особено по последните протести, но во многу покомплицирана политичка криза од минатата година.

-Насилните демонстрации од средата, скрнавењето на државни споменици, како Порта Македонија, спомен обележјето за децата бегалци од Егејска Македонија, нападите и вандализмот на приватни медиуми, професори и нивните кабинети,  укажуваат дека за дел од учесниците во протестите не постојат граници на однесување. Ризикот е дека повтореното вакво однесување во комбинација во подбуцнување од неодговорни партиски лидери кои лицитираат со „украински сценарија„ и евентуална блиска средба со приврзаници на другата опција ќе не доведе до граѓански судир кој може да произведе спирала на насилство и да ја урниса државата втурнувајќи не сите во едно предполитичко битие каде секој на секого му е волк и може да си ја толкува вистината,правдата, законите и силата на свој начин. Како никогаш повеќе не ни е потребен еден консензус на елитите кој би се случил брзо и одлучно со заеднички решенија за кризата. Во отсуство на тој консензус народот ќе мора да постапи паметно, вели Даскаловски за Прес24.

Потенцира дека на улиците малку недостасува состојбата да ескалира, но потенцира дека 99 % од граѓаните на Македонија нема да подлегнат на поттикнувачките сценарија.

-Малку недостига да ескалира состојбата и главните поттикнувачи на насилство тоа го знаат и веројатно се надеваат на конфликт и ескалација кој ќе биде погубен за сите нас. Сепак, во моментов огромно 99% мнозинство од граѓаните не учествува на протестите и на едната и на другата страна и јасно го кажува својот став за истите. Ова мнозинство може и да е политички неактивно, да не гласа за ниедна партија, може и да гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ и други помали партии. Нивната пасивност треба да им биде индикатор на поттикнувачите на протести и насилство дека го губат времето, го малтретираат целиот народ и треба да престанат, или ако веќе протестираат за што и да е тоа да биде цивилизирано и достоинствено, вели Даскаловски во интервјуто за Прес24.

-Одлуката на претседателот е храбра, и колку на некој му се допаѓа или не, таа е државничка, односно во насока на креирање на политики кои се од витален интерес, постапка која многу ретко ја гледавме од претседателот Иванов во својот мандат иако секако дека тој донесуваше и донесува многу битни одлуки и креира многу битни политики како тоа во случајот со бегалската криза. Сметам дека одлуката за аболиција без претходен договор на големите партии е тактички погрешна, односно како што се вели „премалку е направено, предоцна во ситуацијата.„ Веројатно дека ваква одлука минатата година на почетокот на кризата во договор со големите партии ќе имаше некаков ефект. Сега, кога имаме т.н. договор од Пржино, кога се создаде специјалното јавно обвинителство (СЈО) и кога тоа функционира, колку и да има дамка дека е пристрасно и влијаено од опозицијата, не може да очекувате дека позитивно ќе биде прифатена ваква одлука, оценува универзитетскиот професор, коментирајќи ја одлуката на Претседателот Иванов за аболиција.

Даскаловски оценува дека „доколку не се случи некаков нов договор па повторно да имаме вонредни околности вонредни правни решенија, многу опции нема, изборите се распишани и ако нема некакви драматични настани тие ќе мора да се одржат.“

-Ние како општество не може да чекаме ден кога СДСМ ќе процени дека состојбите на терен се такви што тие имаат шанси за успех на избори па тогаш да прифатат одржување на т.н. кредибилни и фер избори. Македонија мора да оди напред, аргументите од типот „тие се крадци еве слушнете, затоа ние мора да владееме„ се погрешни, затоа што на крајот на денот „на крадците што ќе ги фатиме, ќе им пресудиме„ ама на која партија ќе и довериме да управува со земјата секој сам ќе си реши врз основа на економските параметри на програмите на партиите, на многу лични дилеми и проблеми, решенија и проекти, политики и закони донесени и недонесени, лидери кои влеваат доверба и лидери од кои ни е страв, прашања и ставови сврзани со националните интереси, името, знамето, црквата, итн, вели Жидас Даскаловски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Во период кога сите очекуваа дека политичката криза ќе финишира со избори, Македонија како повторно да е на почетокот од март минатата година. Како ја оценувате актуелната состојба и до кој степен таа може да ескалира?

ДАСКАЛОВСКИ: Состојбите на протестите и нa улиците и плоштадите се влошени во однос на минатата година. Поделеноста на јавноста е продлабочена со тоа што и во двата табора чувството за неправда е зголемено во однос на 2015 година.

Насилните демонстрации од средата, скрнавењето на државни споменици, како Порта Македонија, спомен обележјето за децата бегалци од Егејска Македонија, нападите и вандализмот на приватни медиуми, професори и нивните кабинети,  укажуваат дека за дел од учесниците во протестите не постојат граници на однесување. Ризикот е дека повтореното вакво однесување во комбинација во подбуцнување од неодговорни партиски лидери кои лицитираат со „украински сценарија„ и евентуална блиска средба со приврзаници на другата опција ќе не доведе до граѓански судир кој може да произведе спирала на насилство и да ја урниса државата втурнувајќи не сите во едно предполитичко битие каде секој на секого му е волк и може да си ја толкува вистината,правдата, законите и силата на свој начин. Како никогаш повеќе не ни е потребен еден консензус на елитите кој би се случил брзо и одлучно со заеднички решенија за кризата. Во отсуство на тој консензус народот ќе мора да постапи паметно. Граѓаните треба да имаат здрав разум и трезвено да размислуваат, неправдите и поразите не се лекуваат на улица нити пак во конфликт со онаа „друга страна„ која има слични но спротивни чувства. Институциите на системот мора да бидат исклучително внимателни во своите акти, изјави и поведенија, а посебно МВР. Наредниов период ќе биде клучен да не го дозволиме најлошото.

ПРЕС24: Дали ако не беше одлуката за аболиција на Иванов ќе имаше друг повод за ова сценарио?

ДАСКАЛОВСКИ: Одлуката за аболиција на претседателот веројатно само ги забрза плановите за протести.

ПРЕС24: Можно ли е украинско сценарио во Македонија?

ДАСКАЛОВСКИ: Малку недостига да ескалира состојбата и главните поттикнувачи на насилство тоа го знаат и веројатно се надеваат на конфликт и ескалација кој ќе биде погубен за сите нас. Сепак, во моментов огромно 99% мнозинство од граѓаните не учествува на протестите и на едната и на другата страна и јасно го кажува својот став за истите. Ова мнозинство може и да е политички неактивно, да не гласа за ниедна партија, може и да гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ и други помали партии. Нивната пасивност треба да им биде индикатор на поттикнувачите на протести и насилство дека го губат времето го малтретираат целиот народ и треба да престанат, или ако веќе протестираат за што и да е тоа да биде цивилизирано и достоинствено.

ПРЕС24: Груевски, Црвенковски, Вељановски побараа и писмено од Иванов да ги повлече аболициите за нив. Заев тоа не го прави?

ДАСКАЛОВСКИ: Можни се разбира пресврти и кај Заев, но моментот на индивидуално прифаќање на аболицијата остава простор за сите оние имплицирани со одлуката да ги оттргнат можните сомнежи за противзаконско делување. Доколку се охрабрат на таков потег, а се докаже спротивното ќе бидат политички мртви.

ПРЕС24: СДСМ тврди дека аболицијата е договор со власта, ВМРО ДПМНЕ дека Иванов на овој начин и помага на СДСМ. Странците се изненадени. Иванов тврди сам се одлучил? Познава ли политичката пракса во светот вакво политичко бунило?

ДАСКАЛОВСКИ: Одлуката на претседателот е храбра, и колку на некој му се допаѓа или не, таа е државничка, односно во насока на креирање на политики кои се од витален интерес, постапка која многу ретко ја гледавме од претседателот Иванов во својот мандат иако секако дека тој донесуваше и донесува многу битни одлуки и креира многу битни политики како тоа во случајот со бегалската криза. Сметам дека одлуката за аболиција без претходен договор на големите партии е тактички погрешна, односно како што се вели „премалку е направено, предоцна во ситуацијата.„ Веројатно дека ваква одлука минатата година на почетокот на кризата во договор со големите партии ќе имаше некаков ефект. Сега, кога имаме т.н. договор од Пржино, кога се создаде специјалното јавно обвинителство (СЈО) и кога тоа функционира, колку и да има дамка дека е пристрасно и влијаено од опозицијата, не може да очекувате дека позитивно ќе биде прифатена ваква одлука.

 Секој што сторил криминал и се докаже, клучно е тука токму докажувањето на делото, мора да одговара. Нема Македонец, граѓанин, кој е против ова, без разлика за кого има или ќе има обвинение, дали станува збор за Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, Никола Груевски, Зоран Заев или Зоран Верушевски. Се разбира дека СЈО мора без сомнежи да ја докаже вината за секоја индивидуа, да нема никакви колебања во јавноста, нешто што досегашната работа на СЈО целосно не го прави. 

ПРЕС24: Изборите официјално се распишани, ДИК кој треба да ги организира поделен, уставните можности не дозволуваат големи маневри ... Ќе има ли избори и ако ги имам, кому би му користеле?

ДАСКАЛОВСКИ: Доколку не се случи некаков нов договор па повторно да имаме вонредни околности вонредни правни решенија, многу опции нема, изборите се распишани и ако нема некакви драматични настани тие ќе мора да се одржат. Опозицијата со СДСМ е решена да ги спречи, колку тоа чудно да изгледа за некој од страна. Нивните идни акции, таа „драма„ може да трае и до денот на изборите, кога евентуално сценарио на опозицијата е на лице место на избирачките места да се дејстувува да не се излезе на гласање. Во радикални сценарија можни се и инциденти. Како и да е, изборите ќе доведат до една разврска во смисол на создавање на една влада, веројатно од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која ќе треба да ја преземе одговорноста во владеењето.

Моменталната влада со министерстава во кои се води буквално војна помеѓу кадрите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, влада во која подмладокот на ДУИ министерува, влада која нема заедничка платформа ни програма, влада во која Никола Груевски е премиер во сенка е нефункционална. Таа треба час поскоро да се замени со функционална влада, ќе беше најдобро новата да произлезе од избори на кои ќе учествуваат сите, но кога СДСМ ги бојкотира на изборите ќе мора да се задоволиме со второто најдобро решение.

ПРЕС24: Држат ли аргументите на опозицијата дека нема услови за фер избори?

ДАСКАЛОВСКИ: Се работи за перцепции и за почитување на државата и институциите. Проблеми со процедурите при избори има во различни нивоа во сите демократски земји од најразвиените до т.н. нови демократии, од САД до Естонија. Значи да речеме од прашањето на правото на глас и регистрацијата на гласачи во различни држави во САД, или пак правото на глас и државјанство во Естонија, до влијанието на парите и бизнисот на изборите и едностраноста на медиумите во американските избори или во италијанските избори, итн.

Поентата е дека во рамките на разумноста на делувањето на институциите и спроведувањето на изборите не се доведуваат под знак прашање институциите и легитимноста на системот, изборите на Флорида и победата на претседателот Буш, се веројатно најеклатентен пример. По сета бука и халабука околу прашањето за фер избори, по сите реформи, по сите кампањи на невладини организации и ОБСЕ, и експертско-меѓународни влијанија и притисоци, и да не заборавиме гласање со жигосување на десниот палец со невидлив спреј да сме гласале по втор пат, да се аргументира дека изборите нема да се фер и нема да биле прифатени резултатите е претерано.

ПРЕС24: Колку е точна тезата дека главната причина зошто СДСМ не прифаќа избори е слабиот рејтинг. Некои велат дека СДСМ до недоглед ќе бара пролонгирање на изборите?

ДАСКАЛОВСКИ: По она што го гледаме во медиумите како резултати од сондажи на јавно мислење, вистина е СДСМ има слаб рејтинг. Но тоа не ни новост, ваквиот рејтинг е долги години константа. Ако минатата година надежта на СДСМ беше дека јавното објавување на т.н. „бомби„ веднаш ќе предизвика паѓање на владата, или пак урнисување на поддршката, сега веројатно надежта е дека работата на СЈО ќе биде алатката која ќе го направи тоа што самата партија не го прави или не го направила до сега. Ние како општество не може да чекаме ден кога СДСМ ќе процени дека состојбите на терен се такви што тие имаат шанси за успех на избори па тогаш да прифатат одржување на т.н. кредибилни и фер избори. Македонија мора да оди напред, аргументите од типот „тие се крадци еве слушнете, затоа ние мора да владееме„ се погрешни, затоа што на крајот на денот „на крадците што ќе ги фатиме, ќе им пресудиме„ ама на која партија ќе и довериме да управува со земјата секој сам ќе си реши врз основа на економските параметри на програмите на партиите, на многу лични дилеми и проблеми, решенија и проекти, политики и закони донесени и недонесени, лидери кои влеваат доверба и лидери од кои ни е страв, прашања и ставови сврзани со националните интереси, името, знамето, црквата, итн.  

ПРЕС24: Она што во моментов е малку чудна ситуација е улогата на меѓународната заедница. Се е сведено само на апели, нема конкретни иницијативи за барање решение на кризата. Дали ова може да се толкува во некоја друга дименизија, на пример дека меѓународната заедница дополнително ја продлабочува кризата, како што некои аналитичари тврдат?

 ДАСКАЛОВСКИ: Меѓународната заедница е актер во кризата од првиот ден, од моментот кога идејата за самостојна Македонија почна да созрева во населението и да се прифаќа од тогашните елити на социјалистичката ни република. Знаеме дека грчките опструкции не престанаа од тогаш па до денес и дека т.н. меѓународна заедница има влијание на опстојувањето на моменталната состојба. Јасно е дека меѓународната заедница имаше влијание во владеењето на една опција во 1990те, имаше влијание на меѓуетничките односи, па дури и на т.н. криза од 2001 година, дека имаше и има влијание на секоја влада, коалиција и преговори за реформи или меѓупартиски односи. Колкаво е тоа влијание зависи од нас, од нашиот капацитет да донесуваме правилни процени и одлуки, закони и политики, да се договараме и да ги поставуваме работите на цврсти основи. Колку поголемо влијание на странците во Македонија полошо за нас. Тие се оние ставови дека „не не бива, не можеме, не сме кадарни, подобро да сме протекторат„ кои се погубни за Македонецот и Македонија. Ако ја сакаме, треба да работиме силно, посветено и чесно, и да кренеме глава гордо високо.

ПРЕС24: Има уште една ситуација која што за многумина е нејасна. На пример ако се знае дека ДУИ е верен извршител на странците, зошто досега меѓународната заедница не повлече потег со кој преку ДУИ би формирале ново парламентарно мнозинство во Собранието? Математички тоа е можно?

ДАСКАЛОВСКИ: Потребно е расчистување на маглата и за ДУИ. Нивната позиција мора да се искристализира затоа што за разлика од состојбите за другите етнички заедници, како сме именувани по реформираниот устав, кај Албанците се појавија и други нови партии кои силно претендираат на власта или барем на дел од колачот.

ПРЕС24: Бојко Борисов, бугарскиот Премиер даде една прилично загрижувачка изјава. Имал информации за трајна дестабилизација на Македонија. Кој сака таква состојба и како Македонија би можела да биде трајно дестабилизирана?

ДАСКАЛОВСКИ: Не треба подалеку да одиме од едноставната констатација дека протекувањето на разговорите т.н. „демократски процес„ на фрлање „бомби„ насекаде во регионот ќе послужи за долгорочно дестабилизирање на елитата во Македонија. Не само на мафијата и ситните изнудувачи и рекетари, туку, вие на тацна им предадовте на разузнавачките служби од соседството, дел од кое се уште се надева за распад на Македонија и приграбување на територии, материјали и податоци од непроценлива вредност за нив, а од огромен ризик ако се злоупотребат за нас како нација и држава.  

 
 
18.04.2016 - 10:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа