Александар Спасовски: Гурманот од МАНУ

Не е исто да се биде гурман и боем. Иако и двајцата уживаат во кафеана пред полна чинија и со чашка квалитетен алкохол, крајот на забавата ја дава рзликата.
Гурманот јаде, а боемот плаќа.
Проблемот е што сите гурмани сакаат да бидат боеми, но не е лесно. Патот од гурман до боем се вика револуција.
Ние сме луѓе со гурманска традиција и од тоа не можеме да бегаме. Сакаме да јадеме, но други да плаќаат. Е таков е животот гурмански, убав е се додека има боеми. Но дојдоа тешки времиња, па сега, ако сакаме да јадеме, мораме да се поздравиме со келнерот.
Класична кафеанка логика држи и македонската лустрација. Гурманите не се подготвени да станат боеми па се фалат со тоа колку кременадли можеле да изедат кога биле млади. Очекуваат боемите да се дружат со нив, само поради тоа што знаеле како се јаде.
Гурмани со добро познавање на мениата од комунистичките кујни бараат некои нови боеми што знаат да се снајдат и покај денешниве, модерни трпези. Но како да забораваат, дека денешниве боеми, своевремено било само обични гурмани.
Многу прашина се дига околу лустрацијата на неколкумина на кои сега им дојде редот за плаќање. Луѓе со кариера, дебело и квалитетно CV и длабоки траги во македонската култура. Си имале кодошко минато  и сега им излегува на нос... или... некој друг им го вади.
Како новинар кој напиша многу текстови на оваа тема, имам личен впечаток дека некој квалитетно ги злоупотребува овие академици, за да си ја истера сопствената агенда, а тоа е делгитимирање на процесот на лустрација.
Од каде овој заклучок?
Најголема прашина се дигна околу лустрацијата на писателот Славко Јаневски, иако процесот го опфати и Божин Павловски, за кој од понеделник, ќе може да прочитаме, кого, како и за која корист го кодошел.
Вчера група млади луѓе „спонтано“ се организираше во акција за купување на делата н Славко Јаневски (кои нели ги немаше по книжарниците). На лустрациска заглави и Томе Серафимовски но за него, никој ниту збор.
Зошто? Затоа што досието на Томе Серафимовски е чисто како солза. Тоа е класично кодошко досие и тука нема ништо спорно. Но, Славко Јаневски е починат. За него, законот не дозволува да биде објавено, врз основа на што е изградена кодошката слика. Токму тоа е добар момент за оние кои имаат интерес од делегитимирање на процесот на лустрација, да удрат по Комисијата, државата, системот (како сакате) и да обвинуваат за се и сешто.  Обвинуваат дека се лустрира човек кој не може да се брани, само затоа што знаат дека не можат да се одбранат ниту оние кои го лустрирале.
Интересно е и прашањето, зошто се лустрира човек кој починал. Од аспект на неговото влијание врз системот денеска, апсолутно нема потреба да му се проверува минатото. Но замислете да сте син на човекот кој е негова жртва. Замислете, слушате како некој ги величи неговите достигнувања (кои се за почит) а знаете дека за неговата директорска фотелја, вашиот татко со години дробел камења.
Она што не ми е јасно во целата ситуација е зошто почитуваниот Божин Павловски се стави себе си во центарот на дебатата. Дали за тоа доби ветување за дружби со некој нов боем, или пак знаејќи што му стои во досието по рафтовите во архивите, едноставно, сакаше да направи простор во кој потоа ќе може да каже, дека го лустрирале затоа што јавно се спротивставил. Но блиску е понеделник. Кога ќе го прочитате досието на Павловски, многу работи ќе станат појасни. Штета што нема да може да се видат имињата на жртвите, бидејќи дури тогаш, ќе стане јасно дека во таа академија, навистина не се знаело, кој е гурманот, а кој боемот.

Но ете, денеска има група луѓе (гурмани на новото време) на кои рака на срце, за академиците им е гајле, колку за ланскиот снег. Да не зборуваме за идентитеот кој наводно се рушел, бидејќи истите тие новопечени гурмани, немаат проблем и јавно да кажат, дека за некои придобивки на новото време, не треба да биде проблем да жртвуваме она што е темел на идентитетот, името на државата.  Тие само видоа шанса за делегитимирање на процесот кој и ним и ја трга маската, која претходниот систем внимателно им ја градел. За нив, сега е времето кога можат во јавноста да покажат, дека процесот на лустрирање е фаличен за да може понатаму и нивното кодошко минато да се стави под тепих.

За крај... списокот на гурмани во МАНУ по се изгледа нема да заврши тука. Но тоа не треба да не зачудува. Едноставно, во претходниот систем, речи си и да немало начин човек да се истакне во средината а да му биде противник на режимот. Ретки се тие кои не биле ставени во искушение ( за добар гурмански живот) да „оговараат“ пред службите.

Таков е животот. Има се помалку боеми, а се повеќе гурмани

Александар СПАСОВСКИ

најчитано сега