Грчката европратеничка ликува: Ја навреди Македонија

Пратеничката во Европскиот парламент од Грција, Софија Сакорафа ликува што политичката криза во Република Македонија ја оддалечило земјата од Европската унија, па во соопштение посочи дека македонската држава не е веќе „сигурен партнер на ЕУ“, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како известувач од сенка за Македонија од редовите на Обединетата европска левица (ГУЕ/НГЛ), Сакорафа истакна дека со извештајот за 2015 година, Европската комисија и ЕП ги одобриле, според неа, „регресивните негативните ефекти од сегашната ситуација во земјата, што би спречувале било-каков вреден напредок“.

- Овие случувања се целосна потврда дека има системски дефицит на земјата во клучните области, што кулминираше со одложување на изборите што требаше да се одржат во април. Копенхашките политички критериуми во однос на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, слободата на изразување, правната независност и слобода на медиумите воопшто не се блиску до она што го имаме во нашето законодавство во Европа, обвини грчката европратеничка.

Софија Сакорафа од ГУЕ/НГЛ, во однос на бегалската криза исто така посочи дека „е навреда да се категоризира ПЈРМ како ’сигурен партнер’“.

- Таа држава ги крши меѓународните договори на дневна основа со своите затворени граници, бегалските квоти и со инцидентите на насилство, посочи европратеничката Сакорафа.

Во однос на прашањето за името, грчката пратеничка во Европскиот парламент рече дека „не се работи за билатерално прашање меѓу Грција и ПЈРМ“

- Тоа е отворено меѓународно прашање и единствениот начин да се реши истото е да продолжат преговорите под покровителство на Обединетите нации. Решавањето на спорови строго во рамките на добрососедските односи се суштински елемент на процесот на проширување, ќе заклучи Сакорафа.

Сепак, и покрај тврдиот став на европратениците од Грција и на дел од нивните бугарски колеги, Резолуцијата за Македонија во Европарламентот пред два дена беше изгласана со огромно мнозинство, а во неа се наоѓа седма препорака за отворање на преговорите за членство на македонската држава во Европската унија, условено со успешно завршување на политичката криза во земјата со одржување на предвремените парламентарни избори на 5. јуни. 

 
 
11.03.2016 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега