Пахор: Словенија ги поддржува напорите на Македонија за влез во ЕУ

Словенечкиот претседател Борут Пахор кој е во дводневна посета на Македонија, вчера на прес-конференција изјави дека Словенија и понатаму ќе и дава поддршка на Македонија за евроинтеграциите.

- За кавга и соработка секогаш се потребни двајца. Потребно е многу храброст водачите на двете страни да се одлучат за соработка, рече Пахор.

Претседателот Иванов истакна дека со словенечкиот колега разговарале за тоа како Македонија да ги искористи позитивните искуства на Словенија. 

- Очекуваме од Унијата иста посветеност за прашањето меѓу Грција и Македонија како и за прашањето на Косово и Србија, да има дел од таа енергија и во однос на нас, потенцира македонскиот претседател кој потенцираше дека постојано се соочуваме со ситуација на немање соговорник: - Во оваа ситуација, нема со кого да дојдеме до решение. За да можеме да го усвоиме позитивниот прмиер на Словенија и Хрватска, тоа треба да се случи меѓу Скопје и Атина, но од Атина немаме одговор ниту на писмата што ги праќаме, последното од премиерот и моите неколку официјални покани до Папуљас. Сега имавме првпат можност од осамостојувањето на Македонија да има контакт, средба меѓу грчки и македонски претседател, рече Иванов, оценувајќи дека е недопустливо две соседни земји да не одржуваат средби, ако не поинакви, приватни меѓу нивните претседатели.

Инаку, претседателот на Словенија Пахор нагласи и дека во Македонија дошол од две причини, пред се да го продлабочи трајното пријателство и уште еднаш да ја искаже словенечката поддршка на патот на македонското евроинтегрирање. - Тешко е да се каже какви ќе бидат резултатите, но, му порачав на мојот колега Македонија до 25-ти да најде порака што ќе може да и биде пренесена на ЕУ, истакна уште еднаш Пахор.

ФОТО: Нова ТВ

најчитано сега