Македонското претприемништво претставено пред инвеститори и бизнисмени на Стенфорд

Инвеститори од Калифорнија, бизнисмени, професионалци и студенти, преку Њу Менс Бизнис Акцелераторот, имаа можност да слушнат за претприемничката сцена во Македонија, економските услови и поволностите.

Основачот и генерален директор Ирена Чаушевска одржа предавање на Факултетот за инженерство при Стенфорд Универзитетот, воедно најавувајќи дека од оваа есен Њу Менс Бизнис Акцелераторот ќе почне со работа во Силиконската Долина, Северна Калифорнија.

На предавањето, Чаушевска ги нагласи можностите што ги нуди Македонија како место за индустриски и старт-ап инвестиции и ги покани американските инвеститори да ја разгледаат опцијата за вклучување на старт-ап компаниите од овој регион во нивните годишни инвестициски планови. Воедно ги охрабри инвеститорите од Калифорнија да ги искористат продобивките од двата екосистема – Македонија, од едната страна, како земја со високо квалитетен талент во областа на информатиката и креативните технологии, и САД, посебно Калифорнија, од другата страна, како главна дестинација за промоција и лансирање на иновативни стартап производи со глобален успех.

Покрај тоа што на поголемите фондови за вложување од САД им ги прикажа можностите за старт-ап инвестиции, директорката, информира Њу Менс, посочи и дел од успешните компании за технологија и производство од Македонија: High-tech, Microsam, Fx3x, Seavus и Feroinvest.

– По нашето учество во серијата предавања „Европско претприемништво и иновации“ на Стенфорд, очекуваме значително да се подобри пласманот на македонските и регионалните производи и услуги од напредната технологија на глобалниот пазар и да се надмине финансискиот јаз со кој се соочуваат балканските стартапи кога треба да се напредува од регионално на глобално ниво, велат од Њу Менс Бизнис Акцелераторот и додаваат дека присуството на САД ќе осигура средства за локален развој на многу квалитетни проекти, како и создавање нови работни места во Југоисточна Европа со повисока додадена вредност кои ќе привлечат многу наши талентирани млади луѓе да работат во матичните земји.

Чаушевска на Стенфорд ги сподели и досегашните резултати на Акцелераторот во областа на едукацијата на млади кадри за професиите на иднината и нивното поврзување со индустријата, овозможувајќи им работа на практични комерцијални проекти за компании од земјата и од странство. Изрази задоволство што многу млади луѓе по завршувањето на овие програми за обука решаваат да почнат свој бизнис или да се приклучат кон веќе постоечка стартап компанија од портфолиото на Акцелераторот.

Во врска со претстојната работа во Силиконската долина, Њу Менс планира секоја година по две класи од три или четири стартапи од Југоисточна Европа да престојуваат во Северна Калифорнија која важи за центарот на стартап случувањата и можностите, за да ги пласира нивните производи на американскиот пазар, да им овозможи организирани обуки и менторство, како и пронаоѓање потенцијални глобални партнери и инвеститори.

Серијата предавања „Европско претприемништво и иновации“ има традиција од осум години. Оваа година, Македонија првпат е поканета да го прикаже својот стартап екосистем со многу успешни примери за иновации од овој регион. Како гости-говорници, Стенфорд ги вклучува најпознатите и најуспешни инвеститори и основачи на компании од европските држави како што се Обединетото Кралство, Германија, Хрватска, Романија, Норвешка, Финска, Данска, Австрија и Португалија.

Европската вселенска агенција (ЕСА) е примарниот партнер на Стенфорд за 2016 година.

 
 
15.02.2016 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега