Мисајловски: Максимално сме посветени на капитални проекти кои се од големо значење за Македонија

Како Влада сме максимално фокусирани на реализација на капитални проекти кои се од големо значење за раст и развој на Република Македонија, потенцира денес министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски на трибина што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ посветена на економијата, инфраструктурата и претприемништвото.

Тој потенцира дека инвестициите во инфраструктурата ги зафаќаат сите региони од нашата земја и надминуваат над една милијарда евра.

Мисајловски презентираше дел од проектите во ресорот транспорт.

-Во моментов фокусирани сме на изградба на нови автопати, нови пруги како и реконструкција на регионалната и патна мрежа. Во делот на автопатската патна мрежа, во тек е изградба на три нови автопати и реконструкција на една автопатска делница во должина од 142 километри и вкупна инвестиција од околу 800 милиони евра. Во тек е изградба на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица на Коридор 10  во должина од 28,2 километри, вкупна инвестиција 210 милиони евра. Планираме овој проект да биде завршен до крајот на годинава. Во тек е изградба на автопатот од Кичево до Охрид во должина од 57 километри, вкупна инвестиција 400 милиони евра. Планирано е овој проект да заврши до крајот на 2018-та година. Во тек е изградба на автопатот од Скопје до Штип во должина од 47 километри, ќе инвестираме преку 200 милиони евра. Планираме овој автопат да го завршиме во 2017-та година. Во тек е рехабилитација на автопатската делница од Смоквица до Гевгелија во должина од 10 километри и инвестиција од 4,2 милиони евра, рече Мисајловски.

Министерот најави дека е планирано во следниов период да започне градба на уште три нови автопати и реконструкција на автопатски делници. Станува збор за изградба на Требениште-Струга, нова автопатска делница Гостивар-Кичево, изградба на автопат Скопје- Блаце.

-Оваа година ќе реконструираме и две автопатски делници. Во првиот квартал од 2016-та година ќе почне реконструкција на автопатот од Скопје до Куманово во должина од 23 километри, а реконструкцијата ќе чини околу 16 милиони евра. Во 2016-та година ќе започнеме и со реконструкција на автопатот Неготино-Демир Капија во должина од 8 километри и ќе чини 8 милиони евра. Иако ни беше најавена за следната година, ние обезбедивме финансиска рамка бидејќи се работи за еден од пооштетените коловози на Коридорот 10, истакна Мисајловски.

 
 
12.02.2016 - 18:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега