Спасов: Поднесени тужби за незаконско работење против Ременски

Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информира дека поднесуваат девет тужби за незаконско работење и прекршување на административните процедури и предлози за времени мерки против министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Спасов појасни дека во текот на вчерашниот ден од Ташевска Ременски се разрешени вкупно девет директори на центри за социјална работа и јавни установи поради, како што рече, апсурдни и небулозни причини.

– Ова се потврдува и со примерот што неколку од директорите се разрешени поради тоа што не доставиле годишни извештаи за работа во 2013 за 2012 година или пак во 2014 за 2013 година. Што е апсолутно невистина. Луѓето имаат докази дека овие годишни извештаи за институциите со кои управувале ги имаат направено, донесено и усвоени се и од Управниот и од Надзорниот одбор на институциите, рече Спасов во Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Ваквото разрешување, како што рече, претставува невиден политички реваншизам и притисок врз вработените во Министерството и институциите и врз одговорните лица во нив.

Сапасов истакна дека дел од назначените директори не ги исполнуваат условите да ја извршуваат таа функција. Еден од в.д. директорите,како што рече, кој е назначен од техничката министерка Ременски нема високо образование.

– На ваквото деструктивно однесување ќе одговориме со покренување судски процеси со цел да го докажеме незаконското разрешување на директорите, да бараме надомест на штета и враќање на поранешна состојба, односно ставање на вон сила на разрешувањата на директорите. Поради тоа денес поднесуваме девет тужби за незаконско работење и прекршување на административните процедури и предлози за времени мерки, потенцира Спасов.

Тој истакна дека од страна на разрешените директори ќе бидат покренати жалби до Државната второстепена комисија. Понатаму, како што најави, ќе бидат покренати и кривични пријави за злоупотреба на службени овластувања за незаконско именување на директори кои не исполнуваат услови согласно законот и статутот на овие институции.

 
 
12.02.2016 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега