Ковач: Сакаме силно да ја заштитиме македонско-грчката граница од бегалците, но за тоа ни треба европско решение
Министерот за надворешни работи на Хрватска, Миро Ковач, во изјава за МИА во рамки на денешниот состанок на неформалниот Совет за надворешни работи на Европската унија посветен на западно-балканската мигрантска рута во Амстердам, на кој присуствуваат и шефовите на дипломатиите на земјите-кандидати на оваа рута, порача дека Европската унија сака силно да ја заштити македонско-грчката граница како надворешна граница на Унијата во однос на бегалците. Но, како што јавува дописникот на МИА од Амстердам, хрватскиот шеф на дипломатијата смета дека за тоа е потребно европско решение.
- Ние со симпатии гледаме на тоа границата меѓу Македонија и Грција да биде граница на која ќе поставиме силна контрола. Но, тоа решение мора да биде со еворпски карактер, мораме околу тоа сите во ЕУ да се согласиме, сите земји-членки. Не е доволно тоа да го сакаат само Хрватска, Словенија, Унгарија, мораме сите во ЕУ тоа да го сакаме и да донесеме таква одлука. Само во таков случај, таквото решение има смисла, посочи Ковач во изјава за МИА.
Министерот за надворешни работи на Хрватска, додаде дека на денешниот „Гимних”-состанок со своите колеги од ЕУ и шефовите на дипломатиите на Македонија, Србија, Турција и Албанија, тој напоменал дека соработката меѓу Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија функционира добро.
- Но, предупредив дека тоа е решение што е функционално се додека големите земји ги примаат бегалците, односно додека тоа пред се го прави Германија. Ако дојде до промена на тој план, тогаш ова решение повеќе нема да биде функционално. Нам ни е потребен европски пристап и решение и ние во Унијата мораме да размислиме добро за тоа какви сакаме да бидеме во иднина кон феноменот на мигрантите и колку мигранти ЕУ може да прифати и каде тие мигранти би биле во рамки на Унијата, додаде Ковач.
За разлика од унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто, кој пред почетокот на денешнито состанок за МИА потврди дека Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска, Чешка, Полска и Австрија се ЕУ-земјите кои бараат фактички исфрлање на Грција од Шенген-зоната и одбрана на границите на Унијата во Македонија, хрватскиот министер е претпазлив и посочува дека само европско решение може да бдие одржливо решение во однос на мигрантската криза.
- Знам само дека Хрватска нема да биде собирен центар на ЕУ. Ние ќе се заложиме за тоа да го засилиме надзорот на границата меѓу Македонија и Грција и нашиот премиер ја прифати идејата на претседателот на Владата на Словенија, Миро Церар, па по тој план ја засилуваме понатамошната соработка. Засега добро функционира полициската соработка, но ако тргнеме кон заштита на надворешните граници, а во случајов тоа е границата меѓу Македонија и Грција, тогаш ќе ја обезбедуваме не само со хрватски полициски сили, туку и европски полициски сили од различни земји. Во таков случај, ние ќе постигнеме долгорочно одржливо решение, вели Ковач.
Во однос на тоа дали постојат други варијанти со кои Европската унија може да и помогне на Македонија, со оглед на признанието дека македонската држава сама досега се бори со огромниот мигрантски наплив, шефот на дипломатијата на Хрватска вели дека неговата земја веќе има свои полицајци во Македонија.
- Нашиот министер за внатрешни работи Орепиќ го извести својот македонски колега и на тоа ќе се посветиме повторно. Хрватски полицајци, како и од други земји, има во Македонија. Ние сакаме ефикасно да функционира заштитата на надворешните граници. Најдобро би било да функционира надворешната граница меѓу Грција и Турција, но ако тоа не е можно поради специфични причини, тогаш за нас во Хрватска, алтернатива е заштита на македонско-грчката граница, дециден е Ковач.
Сепак, хрватскиот министер смета дека треба да им се помогне и на Грците на кои, според него, не им е лесно, бидејќи многу бегалци поминале низ Грција. Но, Ковач вели дека „ако не е можно поради позицијата на Грција, пред се островите и конфигурацијата на теренот, тогаш ние гледаме решение во заштита на границата меѓу Македонија и Грција“.
- Но, повторувам, тоа решение е логично и може да заживее само ако биде решение на ниво на ЕУ, т.е. ако биде донесена европска одлука за него, заклучи Миро Ковач.
Овој став на хрватскиот министер се поклопува со ставот на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, кој денеска исто порача „дека е потребно европско решение“. А, состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со нивните колеги од Македонија, Србија, Турција и Албанија продолжува и попладне се очекуваат резултати во однос на тоа каква помош ќе обезбеди Унијата за овие земји во справувањето со бегалската криза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа