Јолевски: Македонија заслужува полноправно членство во НАТО

 

Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски во тек на посетата на САД, во Белата куќа се сретна Целесте Валандер, специјален советник на претседателот Барак Обама и директор во Советот за безбедност на САД, а во  Стејт Департмент со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија.

- На одвоените средби министерот Јолевски и соговорниците разменија мислења за интеграцијата на РМ во НАТО, за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко, соопшти македонското Министерство за одбрана.

На средба, пак, во Пентагон  на Јолевски со директорот за Русија, Украина и Евроазија, Лаура Грос, станало збор за реформските активности во Министерството за одбрана.

- Наш приоритет е да ги задржиме и унапредуме капацитетите на АРМ, а тоа значи вложување во образование и едукација, како и вложување во опрема, рече министерот Јолевски.

Дека станува збор за исклучително важен процес кој дава резултати, министерот Јолевски ја посочи Воената академија, на која освен што е воведена настава на англиски јазик, започната е и размената на питомци со академиите од земјите на НАТО. Ние не отстапуваме од реформите, додаде Јолевски, бидејќи тие се добри за нас како држава, но и за НАТО алијансата, која е и наша стратегиска цел.

- Македонија е стабилен партнер и долгогодишен контрибутор кон светскиот мир. Ние сме одговорен член на меѓународната заедница и заслужуваме да бидеме дел од Алијансата за која сме подготвени од 2008 година“, потенцираше Јолевски.

Директорката Грос порача дека САД продолжуваат да ја поддржуваат Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО. Воедно се заблагодари за присуството во Авганистан и за несебичната помош за етаблирање на мирот, демократијата и безбедноста во овој дел од светот, се вели во соопштението.

 

 
 
06.02.2016 - 11:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега