Спасов: Грижата за пензионерите продолжува, ќе има зголемување на пензиите и оваа година

Ќе продолжат владините проектите кои им го подобруваа животот на пензионерите во Македонија. Пензионерите ќе продолжат да одат бесплатно на бања и на туристички викенди, а континуирано ќе продолжи и зголемувањето на пензиите. Во октомври 2016 година пензионерите ќе добијат зголемување на пензијата од 5%. Ова денеска го истакна заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на отворањето на пензионерски клуб во населбата Волково во општина Ѓорче Петров.

Спасов посочи дека грижата за пензионерите ќе продолжи и во 2016 година е предвидено да се отворат 4 нови дневни центри на територијата на Р. Македонија.

-Изминатите години отворивме вкупно 10 центри за стари лица и со овој проект планираме да продолжиме и понатаму. Само минатата година се отворија два дневни центри. Нашата цел е секое населено место и секоја општина да има соодветни услови каде што и Здруженијата на пензионерите и пензионерите ќе можат да го поминуваат своето слободно време да се дружат и да се социјализираат, истакна Спасов.

Спасов посочи дека Владата ќе продолжи со реализацијата на проектите кои што со години наназад изминатите 6,7 години се реализираат.

-Во март ќе продолжи проектот за бесплатна бањско – климатска рекреација. Овој проект наиде на голема интерес кај корисниците на пензија. Околу 32.600 пензионери ја искористија можноста за бесплатна бања во период од 6 дена, односно 6 полни пансиони. За оваа година 2016 планираме да опфатиме околу 5.500 корисници на пензија и имаме обезбедено буџет во износ од 38 милиони денари за реализација на овој проект, рече заменик министерот.

Во 2016 година ќе продолжи и проектот бесплатен туристички викенд, новиот проект кој започна во 2015 година, каде што ќе бидат опфатени околу 3000 пензионери.

Една од поважните работи за пензионерите, според Спасов е тоа што продолжува континуирано зголемување на пензиите.

-Изминатите години направивме многу за стабилна редовна исплата, првата недела од месецот да има редовна исплата. Меѓутоа исто така и континуирано изминативе години пензијата се зголемуваше. Просечната пензија во Р. Македонија од 2007 година заклучно со 2015 се зголеми за 70 проценти. И веќе во октомври оваа година планираме уште едно зголемување на пензиите за 5 %. Тука нема промени, веќе се направени соодветните законски измени, степени се во сила, објавени се во Службен весник и зголемување на пензијата за 5 % во октомври во 2016 година ќе има за сите корисници на пензија во Р. Македонија, истакна Спасов.

Денеска беше отворен и клуб на пензионери во населбата Волково во општина Ѓорче Петрово кој пензионерите ќе го поминуваат своето слободно време и ќе можат да се дружат меѓусебно.

-Овој клуб за пензионери ќе помогне во организирање на самиот Сојуз на пензионери, во дружење на пензионерите, во квалитетно поминување на нивното слободно време, рече Спасов.

 
 
27.01.2016 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега