Ванхауте ги презентира предлог измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги

Посредникот Питер Ванхауте денеска на средба со новинарите и медиумските организации презентираше предлог на меѓународната заедница за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски организации. Разговорите меѓу претставниците на политичките партии дел од Работната група за реформите во медиумите, според него, се одвиваат многу бавно, но сепак тој вели дека продолжуваат и оти е можен договор во следните денови, пренесе МИА.

Предлогот на меѓународната заедница е Законот да биде помалку рестриктивен, да предвидуива професионализацијата на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми, да се направи ревизија на системот на казни...Но пред се, вели тој, агенцијата мора да се деполитизира.

За начинот како да се избираат членови на Советот на Агенцијата, предлага Парламентот да распише јавен оглас, а кандидатите кои ќе се јават на огласат да имаат писма со поддршка од две невладини организации, или новинарска асоцијација или синдикат на новинарите, како и две писма со поддршка од соодветни универзитети. Собраниска комисија да изрши техничка селекција, а селектираните да имаат јавна презентација пред членовите на таа Комисија. Членовите на Советот, како што наведе Ванхауте на средбата, да се бираат со двотретинско мнозинство гласови. Мандатот да им биде пет години со право на реизбор. За тие пет години членовите на Советот на Агенцијата за медиуми да бидат ангажирани со цело работно време. Сегашните надлежности на директорот на Агенцијата да бидат префрлени на Советот. Директорот на Агенцијата да има извршна функција и да одговара за функционирање на Советот и да биде именуван од него. Неговиот мандат да биде исто така пет години со право на резибор, предложи Ванхауте.

Во однос на прекршувањата од страна медиумите, предлогот на Ванхауте опфаќа дијалог со претставници на медиумиот, доколку не биде надминато прекршувањето - предупредување, и дури откако ќе се исцрпат овие две можности казна. Но во предлогот не се прецизира за какви прекршувања ќе бидат изрекувани овие казни, ниту пак какви ќе бидат тие. Ванхауте потенцираше дека казни нема да се изрекуваат за содржината на информативните прилози.  Казната ќе се определува во зависност од тоа за каков и медиум се работи и неговите приходи. Советот ќе го има тоа право да реши за висината на казната и ќе има можност да донесе одлука која треба да биде издржана.

Да се направи ревизија на правните и регулативи на Агенцијата за медиуми.

Во однос на комерцијалните медиуми, предлогот е да не се определува каква програма ќе емитуваат, како и колку вработени ќе имаат, со каква техника да располагаат...

Во однос на јавниот сервис, како што кажа Ванхауте, членовите на Програмскиот совет на МРТ да се бираат на приближно ист начин како и членовите на Советот на Агенцијата за медиуми, дополнително членовите да бидат поддржани и од организации од културата. 

Финансирањето да биде еднакво на еден процент од годишниот буџет на државата, а јавниот сервис да има целосна независност во однос на трошењето на овие средства. Ванхауте рече дека бил изненаден од податокот дека просечната возраст на вработените во МРТ е 58 години и смета дека кадарот треба да се дополни со помлад кадар.

МРТ, како што предложи, да изработи петгодишна стратегија за работа која би вклучувала дел кој би се однесувал на човечките ресурси, реновирање и одржување на зградата, нова опрема, понатамошна дигитализација, реструктирање на ТВ каналите и друго.

Зборуваше и за владиното рекламирање. Смета дека кампањи од јавен интерес треба да се емитуваат бесплатно и на јавниот сервис и на комерцијалните медиуми. Намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто за медиумите.

Ванхауте не посочи во кои европски земји се практикува ваков начин на избор на претставници во медиумски тела. Рече дека дел се применуваат во некои делови од неговата земја, но дека сепак е потребно да се стави и локален контекст.

На средбата Драган Павловиќ Латас, како генерален секретар на Македонската асоцијација на медиумите го изнесе ставот дека дел од овие предлози не се прифатливи.

- МАН смета дека ова што е презентирано е површно. Нема образложение и нема конкретни европски извори, рече Павловиќ. Според него, делови кои се однесуваа на МРТ и јавниот сервис се прифатливи и имаа своја логика.  Предлогот еден отсто од Буџетот на годишно ниво да одат за МРТ е прифатлив доколку јавниот сервис не е емитува комерцијални реклами. Го поддржа и предлогот за намалување на данокот. 

Спорен за него е предлогот за составот на Агенцијата за медиуми односно поддршката што кандидатот би требало да ја добие од две невладини организации. Побара да се наведе што се подразбира под невладина организација. 

– Организациите ќерки на Фондацијата Сорос за нас не се НВО сектор, рече Павловиќ. Доколку ова се најде во Закон, МАН како што рече тој, ќе покрене постапка за негово укинување. 

Според него треба да има членови од новинарските организации и од Асоцијацијата на ТВ. Исклучително спорно, за Павловиќ, е учеството на новинарскиот синдикат.    

Имаше забелешки и во делот на изборот на членовите во Советот на Агенцијата за медиуми во Собранието со двотретинско мнозинство, кој според него сосема го партизира процесот, бидејќи за борба и превласт на партиите можни се пазарења. 

Претседателот на Агенцијата, пак, како што кажа, мора да биде избран со заедничка согласност на новинарските здруженија. 

Во однос на казните, смета дека вака поставени тие ќе бидат врз основа на субјективни проценки. 

МАН, истакна Павловиќ, изричито бара во новиот закон да се ограничи примањето странски пари, директно или непосредно. 

- Се нарушува медиумскиот пазар, а во Македонија има медиуми кои се создавани и се издржувани од странски пари, рече генералниот секретар на МАН.

 
 
30.11.2015 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега