Доделени наградите за проектот „Биди перспективен започни свој бизнис“

Министерството за економија денеска ги прогласи најдобрите пет бизнис планови во рамки на проектот - Организирање на бизнис натпревар „Биди перспективен започни свој бизнис“, кој има за цел поттикнување на претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отпочнување на сопствен бизнис.

Целта на проектот, што се спроведува трета година по ред, е на младите да им покаже што значи да се биде претприемач, како сопствената бизнис идеја да се преточи во бизнис план и како да се започне свој бизнис. 

Годинава на конкурсот имаше 21 апликација за бизнис идеја од кои 10 се претворени во бизнис планови што ги исполнуваат критериумите, а најдобрите пет од нив денеска добија награди и ваучер за регистрација на фирма со кој се покриваат трошоците за регистрирање фирма во Централниот регистар.

Првата награда и ваучер од 330.000 денари доби Артан Џемаили за проектот Ворк аброуд, второнаграден со ваучер од 230.000 денари е Филип Лаоски за проектот Изи гоу - Давање под наем на движен имот, изнајмување на електро тротинети и скутери, третата награда и ваучер од 130.000 денари му е доделена на Мартин Димоски за проектот Ју дизајн, четврта награда и ваучер од 100.000 денари доби Петрит Рамадан за проектот Алтернативен маркетинг, а петто наградена со ваучер од 60.000 денари е Назмие Мерко Завзум за прокетот Банка за одржување на злато Голд банк Македонија.

Министерот за економија Беким Незири, кој им ги врачи ваучерите, истакна дека подигањето на општествената свест за новите вредности на пазарниот систем, човечките способности и потребите од бизнис планови треба да започне уште во најраната возраст.

- Основањето на малите фирми зависи од претприемачите, односно од индивидуалците кои имаат идеи и се подготвени да преземат ризик за да ја реализираат идјеата. Министерството за економија во таа насока прави напори да го поттикне претприемачкиот дух кај студентите и презема мерки и активности со цел да ги поедностави процесот на формирање на нови пртпријатија, да го олесни процесот на добивање на потребни информации и да го помогне  формирањето на новите претпријатија, но вистинскиот успех на претпријатијата е во рацете на студентите како основна движечка сила на идното македонско стопанство, порача Незири.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р Велимир Стојковски нагласи дека важноста на универзитетите во претприемништвото, иновациите и бизнисот доаѓа од потребата на општеството и пазарот да ја поврзе науката, иновативноста и бизнис идеите со стопанството.

- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје е свесен дека само со нови идеи и иновации ќе има напредок и во науката и во стопанството. Нашите тенденции се интегрираната наука да биде флексибилна и функционална врска меѓу државата, Универзитетот и стопанството. Затоа секогаш ќе ги поддржуваме сите манифестации за поттикнување на претприемачкиот дух каква што е и денешнава, рече Стојковски.

Посочи дека радува фактот што свеста ни се менува и што сфаќаме дека сопствениот бизнис и претприемништвото се чинители кои придонесуваат за стопанскиот развој на една земја.

- Затоа во нашата универзитетска мисија е зацртана институционалната поддршка преку отворањето на центри во рамки на Универзитетот со компетентни кадри кои ќе им помогнат на нашите студенти да веруваат во себе и да тежнеат кон остварувањето на своите идеи. Сите ние сме тука со сите инструменти да им дадеме охрабрување и поддршка, потенцира Стојковски.

 
 
30.11.2015 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега