Недела на дизајн во Скопје - годинава нова локација

 

Петтата Недела на дизајн во Скопје (Skopje design week) ќе се одржува од утре до 29 ноември, годинава на нова локација – во Центарот за дизајн и иновации Јавна соба, кој беше отворен минатиот месец.

Манифестацијата и оваа година ќе понуди предавања и работилници за дизајнери и архитекти, со над 150 учесници од Македонија и од неколку земји, работилници за деца и музичка програма. Во фокусот на годинашното издание ќе биде изложбата „Млади балкански дизајнери“.

По повод малиот јубилеј, ќе бидат претставени околу 30 македонски брендови кои во изминатите пет години биле поддржани од „Скопје дизајн вик“. Целта е да се охрабрат дизајнерите и компаниите за нови производи кои ќе се пласираат како бренд во земјава и во странство, а Јавна соба во својот нов простор им нуди и работилница каде што може да ги развијат прототиповите.

Директорот на „Скопје дизајн вик“ Александар Велиновски на прес-конференција рече дека со новоотворениот простор манифестацијата не трае само неколку дена, туку 365 дена зашто Јавна соба е отворена за секој креативец. Со целосното опремување на мајсторската работилница за прототипови во 2016, тој очекува во наредните години да се остварат над 150 нови македонски брендови – производи и услуги кои, како што рече, нема да бидат виртуелни, туку ќе ги има реално на пазарот.

Посочи дека е важна поддршката на македонски брендови дома зашто од тоа зависи и нивната афирмација надвор од Македонија.

- Мора прво да ја зајакнеме домашната сцена и кон домашните брендови да се однесуваме со повеќе почит, бидејќи повеќе ги вреднуваме странските брендови, а домашните ги запоставуваме. Покрај продукција, ни треба и свест за афирмација, така ќе си помогнеме себеси, рече Велиновски.

Според Марта Наумовска-Грнарова, програмски директор на „Скопје дизајн вик“, целта на организирањето на манифестацијата во 2011 била повеќе да се зборува за дизајнот, на студентите од факултетите за дизајн да им се донесат експерти кои ќе ја разбудат нивната креативност, а компаниите да ги научат како да инвестираат во дизајн. Рече дека по пет години, Неделата влегува во нова, транзициска фаза, во која треба да се покаже знаењето.

- Улогата на Македонија не е да биде Кина, не може да се натпреваруваме со евтини производствени дестинации, но можеме да ја пласираме модерно спакувана нашата приказна, рече Наумовска-Грнарова. Соопшти дека во изминатите четири изданија имале над 250 учесници, 80 странски гости, над 100  презентации, над 70 работилници и повеќе од 40.000 посетители.

Новиот Центар за дизајн и иновации – Јавна соба, кој е единствен од ваков вид на Балканот како урбан, иновативен и мултимедијален простор, на дизајнерите им го обезбеди Министерството за култура.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска ја нагласи важноста на креативните индустрии на кои во последните три години им се посветува посебно внимание, така што преку конкурсите Министерството за овој сектор финансиски поддржа 150 проекти.

- Овие проекти го унапредија развојот на креативните индустрии кои денеска веќе се препознаваат како важен економски ресурс. До 4 декември е отворен и четвртиот конкурс за финансирање проекти од областа на креативните индустрии за 2016 година. Упатувам повик до сите млади дизајнери да аплицираат и да го насочат својот потенцијал и творечка енергија кон создавање производи кои уште еднаш ќе ја потврдат профитабилната димензија на културата, истакна Канческа-Милевска.

Изложбата „Млади балкански дизајнери“ е поставена на поткровното ниво од Центарот Јавна соба. Таа произлезе од Балканската дизајн мрежа, формирана минатата година, и веќе успешно се промовира и надвор од границите на Балканот. По претставувањето во Истанбул, ќе патува во Будимпешта, а потоа во Келн - на најголемиот саем на индустријата за мебел.

 
 
25.11.2015 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега