Експертот Томи Ахонен ќе зборува на Македонскиот економски самит во Скопје

Финецот Томи Ахонен, кого „Форбс“ го назначи за број еден експерт за дигитални технологии во светот, ќе биде почесен говорник на Македонскиот економски самит, што ќе се одржи од 18. до 20. овој месец во Скопје, соопшти денеска организаторот на Самитот, организацијата „Македонија 2025“.

Во тек на три програмски дена на самитот ќе бидат претставени идеи и најдобри практики за тоа како да се подобри индустријата и деловниот сектор во Македонија. На самитот се поканети експерти од над 15 држави од регионот и светот кои ќе претстават свои предлози, анализи и програми за економски развој. 

- Ахонен е клучен говорник на самитот во Скопје каде ќе даде примери за неговиот ангажман во Европа, ќе зборува за трансформацијата на Јужна Кореја во дигитално чудо и за неговиот удел во развојот на тој сектор во Кенија, Ирска, Јужна Африка и Колумбија. Ахонен ќе ја претстави неговата визија за трансформирање на Македонија во создавање развоен центар во Скопје за паметни технологии и позиционирање на земјата како регионално инфо-технолошко средиште, соопшти „Македонија 2025“.

Ахонен, кој претходно работел на извршни функции во „Нокиа„, е советник на ИТ нации како Сингапур, Финска, Малезија, Ирска, во однос на нивната трансформација кон дигитални општества. Зборува на настани во Силиконската долина и Токио, како и на повеќе од 100 конференции низ светот. Има напишано 12 книги и дадено свои излагања во повеќе од 140 публикации во кои со неверојатна прецизност ги предвидува идните технолошки текови.

Од „Македонија 2025“ соопштуваат дека се гордеат на учеството на голем број професионалци и експерти кои потекнуваат од Македонија, а работат во успешни и познати странски компании.

- Луѓе како Филип Мисовски од „САП“ Германија, Петар Кајевски од „Оракл Австрија“, Дино Граматиков од „Инмарсат“ Швајцарија, Бистра Кумбароска од „Импакт Хаб“ во Виена, Лу Наумовски од „Кинрос Голд Корп“ Русија и многу други, со голем ентузијазам сакаат да придонесат до подобрување на визијата за поуспешна и понапредна Македонија на економски и деловен план.Преку несебично споделување на знаењето, но и со проширување на капацитетите за тоа знаење да се апсорбира, Македонија може да се преобрази во центар за развој на иновативни технологии и развојни индустрии.Тоа што е значајно за економскиот развој, укажуваат од организацијата основана во дијаспората, е потребата за некои сегменти во индустријата да се трансформираат, да се вклопуваат со други, да соработуваат, како и да целат кон интегрирање со индустрии и сектори надвор од Македонија.

Од „Македонија 2025“ ги покануваат сите професионалци, претприемачи и аналитичари на бизнисот во земјата да дојдат на самитот, да се поврзат со меѓународните учесници и да работат на своите визии за развој на своите сегашни или идни капацитети и компании.

Детали поврзани со настанот и можноста за регистрација која уште е во тек се достапни  на www.macedonia2025.com/summit.

 
 
02.11.2015 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега