Почна снимањето на филмот „Златна петорка“

Во Струмица денеска почна снимањето на играниот филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски, според мотиви на книгата на Братислав Ташковски. Првата клапа падна кај споменикот на петтемина струмички студенти во Малиот парк во градот. Продуцент на филмот е „Револушн“. 

Режисерот Тренчовски изјави дека е исклучителен предизвик да се работи на игран филм за настан што се случил во 1951 година, посочувајќи дека преовладува интимната драма и стегата против тогашниот режим, како и личните судбини на петтемина струмички студенти кои ги загубиле  животите мистериозно и апсурдно. 

- Протагонистите што ги толкуваат ролјите во филмот даваат се од себе. Тоа е едно големо ветување за нас како екипа, дека ќе направиме одличен филм. Сите се обврзуваме со предлошката на сценариото работено по мотивите на драмата и романот на Братислав Ташковски, дека ќе се внурнеме во тој свет на фикцијата и заедно со сцените коишто се реминисценција на едно минато и со сегашните сцени ќе направиме своевидна реконструкција односно, би рекол, играна фикција, рече Тренчовски.

Тој е задоволен од условите за работа и е благодарен за помошта од граѓаните на Струмица како и од локалната власт и советите на општините Струмица, Василево и Босилово.

Продуцентот Дејан Милошевски истакна дека филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ и дека за снимање се планирани 24 работни дена.

- Имаме доста локации низ Струмица, а една од клучните сцени ќе ја снимиме на Смоларските водопади. Филмот на почетокот на февруари ќе биде на финална монтажа и се надеваме да биде готов до крајот на април или на почетокот на мај. Официјално што знаеме е дека на 13 август во Струмица ќе биде премиерата на филмот, рече Милошевски.

Директор на фотографија е Апостол Трпески. Во актерската екипа се: Славко Штимац, Петре Арсовски, Љупка Џундева, Ненад Милосављевиќ, Игор Ангелов, Јана Стојановска, Александар Ристовски, Влатко Илиевски, Васил Михајлов, Стојан Велков, Биљана Таневска, Диме Дрваров, Виктор Јакимовски, Григор Јовановски и Игор Тодоров.

 

 

Оцени ја веста

19.10.2015 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега