Во Куманово почна имунизацијата против сезонски грип

Почна вакцинацијата против сезонски грип во Куманово. Интересот е голем и до пладневните часови се вакцинирале 276 лица. Ова денеска го соопштија надлежните од Центарот за јавно здравје-Куманово.

Центарот набавил 2.000 дози вакцини од кои 300 се дистрибуирани до подрачните служби во Крива Паланка и Кратово. За разлика од претходните години бројот на набавените вакцини годинава е поголем за 500 дози.

- Интересот за имунизација е исклучително висок. Ги повикуваме лицата од ризичните групи, повозрасните, хронично болните, лицата со кардиоваскуларни заболувања, заболените од дијабетес и оние со намален имунитет, навреме да се вакцинираат, изјави доктор Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Куманово.

Посочи дека непосредно пред да се прими вакцината се спроведува општ лекарски преглед. 

- Ако лицата имаат акутни инфективни заболувања, тогаш имунзацијата се одложува, рече Стаменковска.

Вакцината е од холандско потекло и чини 400 денари. 

Од Центарот за јавно здравје-Куманово истакнаа дека минатата година вакцина против грип примиле 1.500 граѓани. Имунизацијата против грип се спроведува во октомври и ноември, објаснуваат лекарите, поради навремено стекнување отпорност на организмот пред стартот на сезоната на грип.

 

 

Оцени ја веста

14.10.2015 - 14:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега