Со владиниот проект светската литература достапна насекаде низ Македонија

Капиталниот проект на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука за “Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија“, досега обезбеди вкупно 919 наслови кои се изработени од најреномирани светски автори и кои се користат на 10те најпрестижни светски универзитети.

-Книгите кои што Владата на Република Македонија во изминатиов период интензивно ги преведува, а се однесуваат на најреномираните 10 универзитети во светот и ги овозможува и прави на еден начин достапни до македонските студенти, на македонски и албански јазик, е еден од најзначајните капитални проекти на Владата со директна поддршка на високото образование. Овие книги можат да се најдат во сите библиотеки низ Македонија, во универзитетските библиотеки, односно во 32 библиотеки на територијата на Македонија. Овие книги можат да се најдат во рамки на факултетските библиотеки на секој факултет поединечно соодветно на областа која е преведена и дистрибуирана до факултетите и секако овие учебници можат да се најдат и во малопродажба, истакна заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Во договор со издавачите, тие книгите ги имаат дадено во комерцијална продажба поради огромниот интерес од страна на студенти и ученици. Овие книги можат да се најдат во книжарниците „Три“, „Топер“, „Матица“, „Икона“. Како што потенцира Ристовски, истите можат да се набават преку сајтовите kniga.mkkupikniga.mkliteratura.mk.

Владата ги охрабрува издавачите кои ги поседуваат авторските права за превод и продажба, а кои досега не ги понудиле книгите во комерцијална продажба, да ги понудат за да им бидат што подостапни на сите заинтересирани лица, студенти и воопшто читатели и колекционери.

-Во оваа прилика би сакал да апелирам и до останатите издавачи кои се уште ги немаат дадено во малопродажба учебниците од овој капитален проект, да ги понудат, затоа што навистина е голем интересот за нивна набавка, достапност и искористување во насока на подобрување на целокупното образование кај студентите, дополни Ристовски.

Насловите се поделени во 25 различни области и достапни им се на студентите за време на студирањето, во текот на нивната стручна и професионална подготовка, на професорите, на наставно - научниот кадар, учениците, вработени во бизнис секторот и конечно за секој заинтересиран граѓанин кој има потреба да добие нова информација, да биде во тек со современите достигнувања, анализи, методи, техники и современи начини на решавање на одредени проблеми.

На интернет страницата 1000knigi.mon.gov.mk може да се погледнат сите наслови издадени во рамки на овој проект.  

Читалната лоцирана на третиот спрат од ГТЦ „1000 книги“ работи со полна пареа.Низ оваа читална дневно минуваат во просек по 300 посетители. Влезот е бесплатен за, како што вели директорот, да биде достапна за сите.

-Читалната „1000 книги“ постои веќе 4 години. Нашата цел и мисија којашто ја поставивме на почетокот беше да го зголемиме нивото на интерес за учење во вакви простори и да се промовира користењето на преводите од најпознатите книги од коишто се учи на најпознатите универзитети во Европа и САД. Во овие 4,5 години ние ја постигнавме таа цел и многу сме задоволни, како од интересот на читателите, така и од интересот за користење на таа литература со којашто располагаме. Можам да кажам дека во овие 4,5 години илјадници читатели поминаа низ оваа читална. Најголем дел од нив се студенти, пост дипломци, магистранти, докторанти, специјализанти, истражувачи, луѓе кои работат на разни проекти. Со задоволство можам да кажам дека од оваа читална произлегоа голем број на инженери, информатичари, економисти, правници и разни други професии. Задоволството е уште поголемо што голем број од нив доаѓаат тука и ни кажуваат дека во меѓувреме успеале и да се вработат, а еден дел своето образование го продолжуваат на престижните универзитети во Европа и светот како пост дипломци, практиканти, студиски престој и така натаму. Во овие 4,5 години навистина можам да заклучам, дека сме максимално задоволни од постоењето и функционирањето на читалната „1000 книги“, истакна директорот на читалната, Сашо Додевски.

Од оваа календарска година, Министерството за образование започна со превод на нови дополнителни 50 учебници и книги на годишно ниво, кои ќе бидат набавени и преведени по барање на самите високообразовни институции, односно по барање на самите професори.

 

 

Оцени ја веста

09.10.2015 - 13:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега