Тодоров од денеска во инспекција на Струмичката болница

Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со тим стручни соработници од кабинетот, државен санитарен и здравствен инспекторат и Фондот за здравствено осигурување, како и доктори од универзитетските клиники од денеска ќе престојуваат во петдневна работна посета на Струмичката општа болница. Со ова, информираат од Министерството, почнува петдневниот мониторниг на оваа ЈЗУ, со цел запознавање со нејзиното функционирање и подобрување на перформансите. 

Во текот на овој период ќе се изврши целосно снимање на работата на болницата, а со особено фокусирање на јавните набавки, како во делот на лековите и помошниот медицински материјал, така и во делот на немедицинските набавки, финансиското работење на болницата во целост, функционирањето на системот на закажување и организацијата на работата, особено во делот на амбулантските прегледи и услуги со цел избегнување турканици. 
 
Посебен акцент ќе се стави на целосна оптимизација на сите расположливи капацитети преку воведување сменско работење секаде каде што тоа е можно, а ќе се направи и контрола на работењето од страна на ФЗОМ, со цел да се дадат конкретни препораки за поефикасно работење.

Ќе биде направена анализа за оптимално користење на расположливите капацитети и медицинска опрема, како и за можностите за воведување нови услуги во болницата, за што би се организирале соодветни обуки на здравствените работници. 
 
Во следните пет дена, во струмичката болница ќе работат и ќе го пренесуваат своето искуство поголем број клинички лекари од повеќе области во медицината, како што се кардиологија, хирургија, педијатрија, неврологија, офталмологија, гинекологија, трансфузиологија.
 
Целта на петдневниот престој на медицинските експерти, пак, е врз основа на нивното долгогодишно искуство и експертиза, да се анализираат состојбите во сите одделенија, по што ќе бидат изготвени мерки и заклучоци со конкретни акциски планови за имплементација на нови методи во оваа болница, во зависност од приоритетите и реалните состојби во оваа јавна здравствена установа. Експертите ќе работат заедно со нивните колеги од Струмица со пациентите кои тие денови ќе имаат потреба од здравствена услуга.

Со ова Министерството за здравство ја продолжува веќе потврдената практика за „Кајзен менаџмент„ односно престојување по една работна недела во некоја од болниците на Република Македонија. Досега работни посети беа реализирани во клиничките болници во Штип, Битола,Тетово и во општата болница во Велес, а ќе бидат опфатени и болниците во останатите градови.

најчитано сега