Гуевски го предаде во употреба новоизградениот кружен тек на главната сообраќајница во Охрид

Претседателот на Владата Никола Груевски денешната работна посета на охридскиот крај ја заокружи со посетата на Охрид, каде на пригодна свеченост го предаде во употреба новоизградениот кружен тек на крстосницата на булеварот „Туристичка“ со улицата „Бистрица“.

- Со овој кружен тек Охрид добива уште едно сообраќајно решение што со својот изглед и функционалност е карактеристика за модерен и голем град...Покрај олеснувањето на самата сообраќајна комуникација во градот, Охрид добива и на естетика, функционалност и безбедност, истакна Груевски.

Тој нагласи дека ваквите активности се во целосна корелација со заложбите на Владата за придонес кон севкупниот напредок на Охрид и регионот, во секое поле и секоја област.

- За ваквите наши заложби говорат многубројните завршени проекти, многуте проекти што се започнати и што ќе се реализираат во иднина, истакна премиерот, потсетувајќи на веќе завршените проекти како булеварот „Железничка“, патот што ги поврзува селата Вапила – Сирула, патот од Долно до Горно Лакочереј, новата зграда на Општата болница во Охрид...

Тука тој ги наведе уште и реализираните проекти со Општина Охрид за подобрување на образовниот процес со реконструкција на ОУ „Кочо Рацин“, „Живко Чинго“, „Братство и Единство“, подрачното училиште „Ванчо Николески“ во Ливоишта, градинките во Лескоец, Велгошти, во населбата „Радојца Новичиќ“.  Груевски ги спомена и изградените 18 спортски игралишта, со тоа дека активностие се насочени кон изградба на останатите од вкупно 30-те маалски баскет што ќе ги добие Охрид.

- Помогнавме во уредувањето на пешачката патека во село Пештани. Покрај овој, преку соработка со Светска банка помогнавме Охрид да добие средства за реконструкција на патот Елешец – Елшани, во Елшани изградивме и нов водоводен систем со нов резервоар за вода и нова водоводна мрежа во должина од 2.200 метри, истакна премиерот Груевски.

Тој најави почеток на реконструкција на сообраќајницата во Лескоец, нов кружен тек на пресекот на булеварот „Туристичка“ со „Македонски просветители“, изградба на депонијата „Буково“, како и набавка на пет нови комунални возила за потребите на градот.

Наскоро ќе започне и изградбата на најсовремената плажа кај Лагадин, затворениот пливачки базен, што е дел од предизборните ветувања, пешачката патека до Канео.

-  Сите овие проекти, но и многу други што не очекуваат во наредниот период, даваат јасен сигнал дека Охрид е во врвот на нашите приоритети. Во тој дух соработката со општината е од големо значење, заеднички можеме да направиме многу повеќе, а радува што резултатите полека но сигурно се се повеќе видливи, истакна премиерот поздравувајќи ги напорите и успесите на градоначалникот Никола Бакрачески, забележувајќи дека не е лесно во општина со илјада евра по глава на жител долг, истовремено да се туркаат толку многу проекти.

- Знам дека очекувањата беа уште многу проекти, но можностите и реалностите се тие. Имајќи предвид што наследи градоначалникот, можам да кажам дека во многу ситуации со поддршка на Владата тој направи многу повеќе од возможното во тој период, рече премиерот, притоа изразувајќи уверување дека веќе мошне наскоро ќе бидат реализирани уште, како инфраструктурни, така и развојни проекти, пред се во областа на туризмот.

Градоначалникот на Охрид од своја страна нагласи дека со заеднички напори со Владата, локалната самоуправа ги исполнува ветувањата дадени кон граѓаните, дека одговорно и посветено се гради Охрид, со уверување дека наредниот период ќе продолжат интензивните градежни активности содржани во програмата за развој

 

 

Оцени ја веста

07.08.2015 - 16:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега