Субрата Рој сака да земе уште 17 хектари охридско земјиште

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески вчера оствари средба со претставници на компанијата „Сахара Индија Паривар“ на индискиот милијардер Субрата Рој, на која од нивна страна било изнесено барање до локалната самоуправа да обезбеди дополнителни 17 хектари земјиште на локацијата на која е предвидена изградбата на луксузниот туристички комплекс.

Дополнителните 17 хектари се потребни за изградба на капацитети во кои ќе се смести персоналот што е предвидено да го опслужува комплексот.

Бакрачески најави дека на 11-ти јули во Охрид ќе пристигне и сопственикот на групацијата Субрата Рој, со очекување дека на средбите ќе бидат соопштени поединости околу текот на подготовките за реализација на проектот „Сахарјан Македонија“.

- Верувам дека сите активности ќе се одвиваат во најдобар ред и дека до 2020 комплексот ќе биде изграден, рече Бакрачески.

Според најавите, на 12. јули во Охрид индискиот мултимилионер ќе организира свечена вечера на која ќе присуствуваат премиерот Никола Груевски, министри од министерствата инволвирани во реализцијата на проектот, како и членови на дипломатскиот кор во Македонија.

Милијардерот Субрата Рој најави голема инвестиција во Македонија, вредна стотици милиони евра, преку изградба на суперлуксузен туристички комплекс „Сахаријан Македонија“ на локација кај автокампот „Љубаништа“, на површина од 240 хектари.

Комплексот предвидува повеќе содржини, луксузен хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф-терени. Проектот е на проектантската куќа „Аткинс“ од Лондон. 

најчитано сега