ВИДЕО: Погледнете како Бразил му одржа лекција на светскиот шампион

Репрезентацијата на Бразил е победник на Купот на конфедерации, откако во финалето одиграно ноќеска на „Маракана“ во Рио де Жанеиро пред 75 илјади гледачи ја победи Шпанија со убедливи 3:0.

Во дуел на петкратниот светски првак и актуелниот светски и европски шампион, домаќините доминираа и го надиграа својот противник сериозно најавувајќи атак на титулата на следниот Мундијал идната година во нивната земја.

Стрелци на головите за Бразил беа Фред во 2 и 47.минута и Нејмар во 44.минута.

Шпанските фудбалери имаа неколку убави шанси за гол, а не искористија и пенал во 54.минута Рамос го промаши голот.

Од 68.минута Шпанија играше со играч помалку поради директниот црвен картон што го доби Пике по стартот над Нејмар.

За „Кариоките“ ова беше вкупно четврти триумф во Купот на конфедерации и трет во низа по победите во 2009 и 2005 година.

Во натпревар за третото место вчеравечер Италија по изведувањето на пенали го победи Уругвај со 5:4 (2:2 по 120 минути).