Утре отворање на понудите за доделување лиценца за вршење дијализа

Министерството за здравство соопшти дека утре во просториите на Министерството ќе се одржи јавно отворање на понудите доставени од страна на понудувачите по Огласот за доделување лиценца за вршење здравствена дејност - дијализа, со вклучени специјалистичко - консултативни прегледи  во мрежата на здравствени установи.

Со цел подигнување  на квалитетот и достапноста на здравствените услуги од областа на дијализа за населението, а имајќи во предвид дека постојните здравствени установи што даваат здравствена услуга дијализа не го нудат потребното ниво во однос на квалитет, простор, опрема и достапност, Министерството за здравство на 27 мај година распиша Јавен повик за доделување на лиценци за вршење на здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Република Македонија, кој беше објавен во Службен весник, стои во соопштението.

Предмет на лиценца е вршење здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Македонија, во четири реони и тоа: Реон 1: седум лиценци од кои по една за Североисточен регион со седиште во Крива Паланка и во Куманово, по една лиценца за Источен регион со седиште во Делчево и во Кочани, по една лиценца за Југоисточен регион со седиште во Гевгелија и во Струмица и една лиценца за Источен регион со седиште во Штип; Реон 2: пет лиценци од кои по една за Полошкиот регион со седиште во Тетово и во Гостивар, по една лиценца за Југозападен регион со седиште во Дебар, Струга и Кичево; Реон 3: пет лиценци од кои по една во Пелагониски регион со седиште во Прилеп и во Битола, по една лиценца за Вардарски регион со седиште во Велес и во Кавадарци, и една лиценца за Југозападен регион со седиште во Охрид; Реон 4: eдна лиценца за  Скопскиот регион со седиште во Скопје.

Лиценца за вршење здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Република Македонија, информираат од Министерството, се доделува за период од 20 години од денот на склучување на договорот за лиценца за вршење на здравствена дејност - дијализа во мрежата на здравствени установи.

Секој понудувач може да поднесе понуда за еден, неколку или за сите реони. Секој понудувачот мора да даде вкупна понуда за сите лиценци што се вклучени во секој реон. За секој поединечен реон ќе се спроведе посебно јавно усно наддавање. Единствен критериум за доделување на договорот за Лиценца за вршење здравствена дејност-дијализа во мрежата на здравствени установи е највисоко понудената вкупна цена за месечен надомест за сите лиценци за вршење здравствена дејност - дијализа во мрежата на здравствени установи за соодветниот реон, стои во соопштението од Министерството за здравство. 

ФОТО: Превентус.мк

најчитано сега