Нов ирански напад врз Израел
Иранската државна телевизија и израелската армија потврдија дека Иран повторно изврши ракетен напад врз Израел. ИДФ наведе дека сирените кои предупредуваат на воздушен напад се огласиле во неколку израелски региони.
Додека Европа се обидува да го врати Иран на преговарачка маса, а САД размислуваат дали да се вклучат во судирот, Иран порача дека нема да разговара за нуклеарната програма сè додека траат израелските напади.
Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп во следните две недели ќе одлучи дали САД ќе се вклучат во конфликтот, истакнувајќи оти сè уште постои можност за преговори со Иран.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека нема простор за преговори со САД „додека не престане израелската агресија“.
Во Германскиот конзулат во Женева за денеска е закажан состанок на министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Велика Британија и на Иран, со цел да се добијат гаранции од Техеран дека нуклеарната програма ќе се користи исклучиво за цивилни цели.
Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Дејвид Лами пред со Арагчи, ќе се сретнат со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Според неименувани извори средбата е организирана во договор со САД, но дипломатите не се надеваат на напредок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа