Министерството за здравство објави тендер за развивање бањски туризам во Чешиново-Облешево

Министерот за здравство, Никола Тодоров денеска одржа состанок со градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Костадин Личков по повод тендерот што го објави Министерството за продажба на земјиштето и објектот во село Бања, општина Чешиново-Облешево.

Целта е реактивирање на објектот за физикална медицина и рехабилитација лоцирана во село Бања, како и привлекување домашни и странски инвестиции за отворање нови капацитети, кои ќе се користат за геријатриска и палијативна нега, бањски туризам, ќе се овозможат нови вработувања и ќе се овозможи развој на овој регион.  Локацијата и објектот имаат извонредни можности за развивање на здравствениот туризам, како и користење на објектот во комерцијални цели кои во значителна мерка ќе придонесат за развивање на целиот регион.

Министерот за здравство Никола Тодоров по состанокот изјави дека станува збор за бања која е затворена повеќе години.

- Станува збор за извор кој овозможува отворање на бања каде порано се лекувале дури до 1.200 пациенти годишно. Познато е дека на ова место постоела бања уште од вториот, третиот век од нашата ера, а подоцна во 15 и 16 век повторно е возобновена за во 1985 година целосно да згасне. По барање на градоначалникот и на општината отворивме постапка за продажба на овој локалитет со цел изнаоѓање на приватен партнер кој ќе изгради современ бањски комплекс со спа центар и ќе ги користи благодетите на овој природен извор на минерални води, истакна Тодоров.

Посочи дека распишале и оглас за отворање аптека, кој е горлив проблем во Чешиново-Облешево.

- За жал на првиот оглас имаше една понуда која беше некомплетна. Во текот на оваа недела ќе го реобјавиме огласот и се надеваме дека ќе добиеме комплетна понуда со цел да се отвори аптека и жителите на оваа општина да имаат побрз пристап до лекови кои им се потребни. Разговаравме и тековните области за доделување концесии-една за стоматолог и една за гинеколог. Отворањето на овие понуди за концесии ќе бидат во текот на наредната недела. Очекуваме да има интерес и за двете концесии, додаде Тодоров.

Градоначалникот Личков се заблагодари на Министерството и на Владата што овозможиле бањата во село Бања да се даде на јавно наддавање.

- Апелирам до сите заинтересирани за откуп на бањата. Ова е од голем интерес за општината и за развивање на туризмот во нашето населено место поточно и во општината Чешиново-Облешево и во поширокиот дел на источниот регион со тоа што ќе се отворат нови работни места, ќе има поголема посетеност и подобро запознавање на источниот дел на Македонија, додаде Личков.
  
Отворањето на понудите ќе се одржи на 22 јули. Продажбата ќе се изврши по пат на јавно наддавање со почетна цена утврдена во износ од 17,5 милиони денари (проценката за недвижниот имот е доставена од Биро за судски вештачења–Скопје). 

Бањата е сместена на јужните падини од Осоговските планини на 8 км. западно од градот Кочани во с. Бања. Во врска со објектот, тој е со површина од околу 680 м2, се состои од стар дел и нов дел и тоа приземје и спрат, и двата објекта се целосно руинирани, единствено е во добра состојба конструктивниот скелетен систем на новиот објект, а постојниот објект (бањата) кој е со површина од 800 м2 се наоѓа на 25-30 метри оддалеченост од дупнатината во центарот на с.Бања. Искористливоста на водата изнесува 99 отсто.

Објектот (бањата) почна со работа во 1980 година како одделение за физикална медицина во рамки на Медицинскиот центар – Кочани и функционираше одлично со годишен број од 1.200 пациенти и 500 гости се до крајот на 1985 година. Во моментов објектот е во голема мера руиниран и е надвор од употреба. Потребна е надворешна и внатрешна реконструкција, како и набавка на нова медицинска и немедицинска опрема. 

ФОТО: Академик

најчитано сега