Бесими: Прашањето за името не е ексклузивно право на ниедна политичка партија

 

Вицепремиерот за евро-интеграции Фатмир Бесими, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека прашањето за името не е ексклузивно право на ниедна политичка партија, туку проблем кој бара консензуален пристап. Според Бесими, последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц е добра основа за да се продолжи понатаму со преговорите.

-Сметам дека за ова прашање и Република Грција треба да биде проактивна за да можеме посериозно да напредуваме во овој процес, значи добра основа да се продолжи понатаму со разговорите и од двете страни да се покаже поголема ангажираност, посебно од страна на Република Грција од кадешто очекуваме во наредниот период да покаже поактивен пристап кон ова прашање. Најверојатно кон тоа би можело да помогне ако се стави и една временска рамка во процесот и се подигне политичкото ниво на преговарачкиот процес, истакнува Бесими во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Бесими вели дека токму поради чувството на лична одговорност отворено зборува за предизвиците и за неисполнувањето на дел од декемевриските заклучоци, а тоа пред сè е проблемот за името, добрососедските односи, политичкиот дијалог и уште некои реформи. Вицепремиерот за Радио Слободна Европа реагира и на изјавата на екс министерот за надворешни работи Антонио Милошоски дека треба да размисли за оставка.

 Тој најверојатно или не ги следел моите јавни настапи или посетите што сум ги имал во овој период или најверојатно не е информиран за тој дел. Но во секој случај јас апелирам дека за ова прашање треба сите да сме заедно, било да се од една или од друга политичка партија, било да се од владата или од опозицијата, затоа што европската интеграција не е дневно-политичка тема за дневно-политички маркетинг, истакнува Бесими.

најчитано сега