Соопштени првичните информации од стручните служби за случајот со владиниот авион

Согласно информациите добиени од стручните лица од македонските воздухопловни власти кои вршат утврдување на фактите во врска со проблемот кој се појави при летот на владиниот авион од Стразбург до Скопје, Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија (СОЗР) ја известува јавноста за првичните информации во врска со овој случај.

Во фаза на качување височина на летот од Стразбург за Скопје, екипажот на авионот Лирџет 60, забележал проблем на системот за пресуризација.

Капетанот на авионот постапил согласно протоколите за превентивно дејствување и согласно чек листата, при што заради безбедносни причини одлучил најпрвин да ја намали висината на авионот, а летот веднаш да го пренасочи кон најблискиот аеродром, во овој случај Цирих, и тоа во координација со надлежната контрола на летање.

По намалувањето на висината на соодветно ниво и стабилизирање на притисокот во кабината, и стабилизирањето на авионот, капетанот на авионот мериторно оценил да не декларира итност (emergency), но заради појавениот проблем и од превентивни причини побарал слетување, и согласно протоколот слетал на аеродромот во Цирих.

Во авијациската терминологија проблемите кои се јавуваат во текот на летот на авионот се класифицираат согласно одредена градација(степенување), како што се настан(occurance), инцидент(incident), сериозен инцидент(serious incident) и несреќа(accident).

Шпекулациите кои се појавија во некои медиуми а кои имплицираат дека наводно не се случил проблем на летот на владиниот Лирџет, и кои веројатно се предизвикани од лаичкото толкување на стручната терминологија, или пак заради помешување на секојдневната со стручна терминологија, ги демантираме.

На летот на владиниот Лирџет од Стразбург кон Скопје се појавил и бил констатиран проблем, за кој потоа се испоставило согласно стручната терминологија дека бил настан(occurance), и за среќа не бил инцидент(incident), и затоа и авионот превентивно се приземјил на циришкиот аеродром, каде што по слетувањето пилотите имале средба со надлежните лица од циришкиот аеродром.

Проблемот потоа бил пријавен и кај овластениот сервисер Аеро-динст во Нирнберг, по што авионот се упатил кон Нирнберг применувајќи ги протоколите за безбеден лет во овие околности, односно лет на помала височина. 

Согласно Уредбата за принципите по кои се води истражувањето на несреќи, сериозни инциденти, инциденти и настани на цивилни и државни воздухоплови како и начинот на нивно пријавување, капетанот на воздухопловот е должен секој настан да го пријави во рок од 72 часа од моментот на настанот, што во овој случај е направено и предадено на претставник на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Апелираме на одговорно однесување при известувањето во врска со овој случај, и внимателност при пренесувањето и толкувањето на стручните термини кои се во врска со него, како и на фактите и околностите во врска со случајот.

 

 

Оцени ја веста

22.05.2015 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега