Идентификувани нови лица меѓу загинатите напаѓачи во Куманово - видео
Косовските власти коишто во петокот спроведуваат акција на претреси во домовите на некои косовски Албанци кои учествувале во судирот со македонските полициски сили минатиот викенд во кумановската Дива населба, според непотврдени информации, идентификувале уште седум лица кои се меѓу загинатите.
Косовските медиуми пренесуваат дека меѓу четиринаесетте терористи кои беа убиени во судирот со македонската полиција минатата сабота, пред да се предадат повеќе од 27 нивни соборци, се идентификувани и Џафер Зумерај, роден 18.05.1972 година, Ваљон Кабаши (14.08.1985), Тургај Гаши (13.04.1978), Арбен Реџај (17.09.1971), Самит Кастриоти (14.12.1975), Хисен Рушити (20.07.1965) и Фатлун Вишесела роден 16.08.1983 година..
Во средата македонското Министерство за внатрешни работи потврди дека во судирот во Куманово убиени се дел од водачите на терористичката група, а идентификацијата направена со помош на скопското биро на Интерпол покажала дека станува збор за Мирсад Ндрецај роден 17.06.1979 година познат како „командант НАТО“, кој важи за еден од лидерите на терористичката група и беше осомничен дека ја предводел групата којашто претходнона 21-ви април ја зазема накусо караулата на граничната полиција кај Гошинце. Меѓу убиените беше идентификуван и Бег Ризај роден 25.12.1977 познат како командант Бегу, а потврден беше и идентитетот и на Нусрет Каљоши роден 18.04.1975 македонски државјанин.
Преку Интерпол утврден беше и идентитетот на Сами Укчини 10.10.1967 од Косово познат како Командант Соколи, кој ѝ се предаде на полицијата.
Полицијата како водачи на групата ги посочи Ндрецај, Соколи, Мухамед Красниќи - Малишева, Бег Ризај Бегу и Деме Шеху - Јунику. Ндрецај и Бегу се меѓу убиените, додека останатите тројца се уапсени.
Во судирот меѓу полицијата и вооружената група во Куманово на 9-ти мај загинаа осум припадници на безбедносните сили и беа најдени 14 тела на припадници на терористичката група.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа