Милошоски: Бесими да си поднесе оставка

 
 
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими треба да размисли лично да преземе одговорност и да си поднесе оставка доколку смета дека не може да го координира процесот на приближување на Македонија кон ЕУ, смета поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски.
 
Во вечерашното гостување во 24 Анализа, Милошоски ја коментираше последната оценка на Бесими дека македонските институции се одговорни затоа што земјата на состанокот на Советот на министри на ЕУ не доби датум за почеток на преговорите во ЕУ.
 
„Ако некоја институција потфрлила во процесот на евроинтеграции, а вицепремиерот Бесими е одговорен за тој процес, тогаш тој треба лично да си преземе одговорност, зошто не реагирал навреме и можеби да размисли да си поднесе оставка ако смета дека не може да го координира тој процес“, изјави Милошоски за 24 Анализа.
 
Според него, Бесими има обврска навреме да алармира доколку некоја институција потфрла во испорачувањето на одредени резултати во реформите или во спротивно неговите оценки се само паушални. 
 
„Доколку нема таква институција, тогаш  оценувам дека тоа може да биде само една паушална изјава се со цел тој како човек, како политичар можеби да се допадне помалку или повеќе на одредена публика - домашна или меѓународна“, вели Милошоски.

најчитано сега